За заштита од коронавирусот на населението од денеска за сите граѓани започнува да важи уредбата на Владата за носење на лична заштитна опрема за носот и устата.

Таа може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично. Физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани ќе овозможи прекин на преносот на вирусот, потсетуваат од Министерството за здравство.

Задолжително е, додаваат од МЗ, носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можноста за одржување на дистанца од два метри помеѓу граѓаните како што се пазари,отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично.

-Уредбата за задолжително носење на на заштитна опрема за покривање на носот и устата се донесува заедно со уредбата за намалување на ограничувањето на мерките и е клучна во превенцијата од ширењето на вирусот. За личната и колективна заштита може да се користи маска или прекривка на устата и на носот кои целосно ги покриваат устата и носот.  Почитувањето на оваа мерка од страна на сите граѓани, на цела територија на РС Македонија е исклучително важно заради заштита на сопственото здравје, здравјето на своите најблиски и колективното здравје, зошто само со заштита може да се спречи  значајното зголемување на бројот на ново дијагностицирани пациенти, се вели во денешното соопштение од Министерството за здравство.

Носењето заштитна опрема за покривање на носот и устата, појаснуваат оттаму, не е задолжително при престој во домот, во сопствен двор или тераса, при спортување, возење велосипед или прошетка на отворен простор со одржување дистанца поголема од два метри.

-Носењето заштитна опрема за покривање на носот и устата мора да биде проследено со зголемена хигиена на раце и граѓаните мора да се многу внимателни како се става, а како се вади прекривката како се манипулира заради тоа што и нечисти раце во надворешна средина при манипулацијата може да предизвикаат инфекција. Важно е редовно да се одржува хигиена на прекривката на носот и устата, односно да се пере и пегла прекривката за повеќекратна употреба по секое носење, а маските за еднократна употреба да се отстрануваат правилно во затворени кеси во отпад, велат од Министерството.

Министерството за здравство апелира до сите граѓани целосно и без искулчок да ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема за покривање на носот и устата, задолжително често и темелно миење на раце со сапун и вода или средства за дезинфекција, одржување на физичка дистанца од два метри секогаш кога тоа е возможно. Заштитата на сопственото здравје, здравјето на најблиските и јавното здравје, потенцираат од МЗ, е одговорност на секој граѓанин.