Состојбата со Ковид-19 во земјава останува стабилна, но остануваат и препораките за почитување на мерките за заштита, особено по појавата на новиот британски сој на коронавирусот во земјава. Се чека да пристигнат првите дози вакцини и да почне вакцинацијата со цел сузбивање на епидемијата.
Овие фрази од премиерот, министерот за здравство и други претставници на власта, дека „вакцините ќе стигнат“ дека „вакцинацијата ќе почне“ ги слушаме од лани, а фактички Македонија е една од ретките земји во Европа каде што досега ниту еден граѓанин не е вакциниран, со исклучок на некои кои тоа го сториле во други земји.
Од Министерството за здравство велат дека според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе биде спроведена во три фази.
-Развивме безбедена и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови кадешто ќе се спроведува вакцинацијата. Ќе ја користиме постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега вакцинира. Листите за кои први лица ќе се вакцинираат се подготвени, а со имунизацијата ќе го спречиме ширењето на вирусот, потенцираат од Министерството.
Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, кои не се опфатени во првата фаза, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход. Здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.
Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.
За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега ја спроведува вакцинацијата. Во прв ред, тоа се превентивните служби за имунизација во рамки на Здравствените домови во кои се врши задолжителната имунизација и епидемиолошките служби во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, во кои се врши имунизација по епидемиолошки и клинички индикации.
Препораките за почитување на сите мерки остануваат и натаму, особено откако кај три лица во земјава е детектиран британскиот сој на коронавирусот во земјава, за кој стручните лица велат дека постојат сознанија оти се шири побрзо од претходните соеви.
Досега кај тројца пациенти во земјава е детектиран британскиот сој на коронавирусот. Надлежните здравствени власти на 27 јануари 2021 година објавија за првиот пациент заразен со британскиот сој на коронавирусот во земјава, кој веќе е оздравен. Вирусот беше детектиран во приватната лабораторија на клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, при анализа на примероци од јануари.
Лабораторијата на МАНУ утврдува дали медицинскиот тим на Клиниката за нефрологија е заболен од британскиот сој на коронавирусот, со оглед на тоа што 29 здравствени работници заболеле во исклучително кус временски период.
Изминативе три дена повторно им се земени брисови кои се доставени во лабораторијата на МАНУ каде ќе се прави секвенционирање кое треба да потврди дали тие заболеле од британската мутација на вирусот. Истовремно во МАНУ, по случаен избор, ќе се прави и секвенционирање на позитивните тестови кои кај нив се испраќаат од лабораториите низ целата држава.
Министерството за здравство вчера соопшти дека во вчера биле регистрирани нови 175 случаи на Ковид-19, од направени 1733 тестирања. Во истиот период се регистрирани и 365 оздравени пациенти, но и седум починати лица.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 597. Има околу 530 празни болнички кревети во ковид центрите.