Додека деновиве гледавме промоција на веловозови од Лисиче до Скопје и кон Ѓорче Петров, од вчера е укинат и последниот меѓународен воз што ја поврзува нашата земја со железнички сообраќај со другите земји, а во целосен прекин е и сообраќањето на возовите кон Гевгелија.

Министерството за транспорт и врски и МЖ Транспорт – АД Скопје и во наредниот период остануваат посветени на изнаоѓање решение со цел да се овозможи меѓународен железнички сообраќај, порачуваат од Министерството како реакција на објавените информации за укинување на железничката линија Белград -Солун.

– Во изминатиот период, Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски и МЖ Транспорт – АД Скопје, во неколку наврати иницира средби со релевантните владини институции и железнички компании од Србија и Грција, на кои се бараа алтернативни решенија за да не дојде до укинување на железничката линија Белград-Солун.  На сите средби, од страна на Српските и Грчките железници беше потенцирано дека единствена причина за укинување на оваа линија е непостоење на економска исплатливост за нејзино оддржување, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Оттаму нагласуваат дека заедно со МЖ Транспорт – АД Скопје ниту имаат можност, ниту надлежност да влијаат врз деловната политика на националните железнички компании во Србија и Грција.

Освен укинувањето на единствениот воз кој ја поврзува Република Македонија со другите земји, од завчера е прекинат и железничкиот сообраќај кон Гевгелија, поради оштетен железнички мост на реката Црна.

Деновиве градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и одговорните во МЖ промовираа т.н. веловозови, со кои ќе се превезуваат велосипеди и велосипедисти од Скопје кон Ѓорче Петров и Лисиче, за потоа да се возат на своите велосипеди низ градот.