Во државата вкупно се аплицирани 315.781 доза вакцини, а ревакцинирани се 81.273 граѓани. Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 47 отсто од населението над 70 години и 41 отсто над 65 години.
– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 431 770 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со сабота, 29 мај 2021, вакцинирани се вкупно 234 508 граѓани. Прва доза вакцина во саботата примиле 597 граѓани, а вкупно се вакцинирале 10 792 граѓани, информира Министерството за здравство.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура, лица со ретки болести и хронично болни. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата – во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.