Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се примени нови 40 пациенти позитивни и суспектни на вирусот на Ковид – 19.
На интерните клиники имало вкупно 10 приеми и тоа шест во ковид центарот на Клиниката за кожни болести и четири пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. На Клиниката за Инфективни болести во изминатото деноќие имало 20 приеми, а во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ се примени 10 нови пациенти, соопшти Министерството за здравство.
Од центрите, како што се посочува, се пријавени 37 оздравени пациенти кои биле пуштени дома.
На Кожната клиника во ковид центарот во моментов се лекуваат 30 пациенти, на Клиниката за неврологија 25 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симтоми на корона вирусот. Во ГОБ „8 септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 157 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 41 пациент од кои 14 деца и 27 возрасни.
Вкупно 347 пациенти потврдени и сомнителни за ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. И покрај големиот број на приеми, слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“. Од викендот пациенти ќе почнат да се примаат и во новите ковид центри на клиниките за нефрологија и за гастроентерохепатологија, стои во соопштението.