Владата донесе одлука за набавка на 400 униформи за овластените службени лица во шумската полиција, соопштија денеска од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по одржаниот состанок со претставниците на Независниот синдикат на шумската полиција.

Како што објавивме претходно, денеска претставници на станиците на шумската полиција се собраа пред Владата за да изразат револт за непотпишаниот колективен договор, што со одлука на Владата требаше да биде уреден уште минатата година.

Наведоа дека немаат униформи и дека немаат земено 20 проценти на плата, по однос на овластување. Истакнаа дека со планираниот колективен договор ќе бидат решени сите проблеми со кои тие досега се соочувале.

Од МЗШВ соопштија дека во изминатиот период биле одржани неколку состаноци со Независниот синдикат со цел да се усогласи текстот за колективниот одговор.

– Од МЗШВ имаше неколку предлози за измена на текстот, врз основа на кои Независниот синдикат треба да достави финална верзија и по завршување на конкурсот за патролен шумски полицаец што е во тек, да се одржи нов состанок за дефинирање на конечниот текст, истакнаа од Министерството.

Наведоа дека по усогласување на тестот на договорот, МЗШВ и репрезентативниот синдикат УПОЗ ќе го потпишат Колективниот договор.

– Министерството континуирано работи на подобрување на условите за работа на шумските полицијаци, посочија МЗШВ.

Имено, во следниот период шумските полициски станици ќе бидат опремени и со компјутерска опрема.