На денешен ден
21 август 2018
1165.- Роден е францускиот крал Филип Втори Август. Владееше од 1179 до 1223 година. Успешно војувал против Англичаните, одземајќи им ги имотите во западниот дел на Франција. Со англискиот крал Ричард Лавовско Срце и германскиот цар Фридрих Први Барбаросa ги предводел крстоносците во Третата крстоносна војна. Во 1208 година основал универзитет во Париз и подигнал голем дел од париските цркви (катедралата Нотр-Дам).
1765.- Роден е британскиот крал Вилијам Четврти кој на престолот бил од 1830. се до неговата смрт во 1837 година. Неговите поданици му го дале прекарот „Лудиот Били“, а го нарекувале и „кралот морнар“ бидејќи од 1778 до 1790 година служел во морнарицата. Имал десет вонбрачни деца со ирската актерка Доротеј Џордан пред да се ожени во 1818 година со една германска принцеза.
1798.- Роден е францускиот историчар и писател Жил Мишле, исклучителен стилист, автор на низа историски, филозофски и литературни дела. Се противел на монархијата и црквата. Дела: „Историја на Франција“, „Историја на Француската револуција“, „Историја на XIX век“, „Планина“, „Птица“.
1904.- Роден е американскиот џез музичар од афроамериканско потекло Вилијам „Каунт“ Бејзи, композитор и водач на оркестар. Со врвни музичари – вклучувајќи ја пејачката Били Холидеј и трубачот Бак Клејтон, в
о 1937 година го основал оркестарот кој набрзо се стекнал со славата – најдобар свинг-оркестар во светот.
1911.- Светски познатата слика „Мона Лиза“ на италијанскиот гениј Леонардо да Винчи од парискиот музеј „Лувр“ ја украл италијанскиот келнер Виченцо Перуџи. Сликата била пронајдена и вратена во музејот во 1913 година.
1941.- Умрел индискиот писател и филозоф Рабиндранат Тагоре, добитник на Нобеловата награда за литература во 1913 година. Напишал повеќе од илјада поеми, 24 драми, осум романи, најмалку осум томови раскази, повеќе од 2.000 песни и многу есеи. Пишувал на бенгалски јазик, а поезијата сам ја преведувал на англиски јазик. Главната цел му била поврзување на источната и западната култура. Дела: збирките песни „Градинар“, „Гитанџали“, збирките раскази „Златен чамец“, „Доцна жетва“, „Сништа“, романот „Гора“, лирските драми „Читра“, „Малини“, публицистичкиот труд „Нацинализам“.
1944.- Во Дамбертон Оксу, во близина на Вашингтон, почнала конференцијата на претставниците на СССР, САД, Велика Британија и на Кина за основање четири главни органи на Обединетите нации – Совет за безбедност, Генерално собрание, Меѓународен суд за правата и постојани секретаријати. За постојан член на Советот за безбедност, покрај учесниците на конференцијата, предвидена била и Франција. Конференцијата завршила на 9 октомври со објавување на проектот на повелбата на ООН.
1958.- Во Белград умрел Стеван Христиќ, српски композитор, диригент, академик, професор на белградската Музичка академија и основач и директор на Операта во Белград. Од неговите дела најпознати се музичката драма „Примрак“ и балетот „Охридска легенда“. Роден бил во Белград, на 18 јуни 1885 година.
1960.- Прогласена била независноста на Сенегал (држава во западна Африка), поранешна француска колонија која била во федерација со Мали.
1968.- Советскиот Сојуз и другите земји-членки на Варшавскиот пакт, освен Романија, влегле во Чехословачка. Со тоа бил означен крајот на „Прашката пролет“, а се формирал принципот на „ограничен суверенитет“ во рамките на социјалистичката заедница.
1983.- Водачот на филипинската опозиција Бенињо Акино бил убиен по излегувањето од авион на аеродоромот во Манила при враќањето од тригодишното бегство во САД. Убиството го организирал филипинскиот властодржец Фердинанд Маркос, отстранувајќи го на тој начин најсериозниот противкандидат на изборите во 1984 година.
1988.- Во земјотрес на север од Индија до границата со Непал загинале најмалку 1.000 луѓе.
1991.- Советската балтичка република Летонија прогласила независност од Москва.
2005.- Умрел пионерот на електронската музика Роберт Моуг, чии синтисајзери внесле нов звук во светот на музиката во 60-тите и 70-тите години на 20. век.
2014.- Во Даблин на 81-годишна возраст умрел поранешниот ирски премиер Алберт Рејнолдс. На премиерската функција Рејнолдс бил помалку од три години, од февруари 1992 до крајот на декември 1994 година, но во ирската политичка историја останал запаметен како „миротворец“. Неговите најголеми постигнувања се создавањето на неопходните предуслови за мировниот процес во Северна Ирска, а особено со обезбедувањето траен прекин на огнот на паравоената Ирска Републиканска Армија (ИРА). Рејнолдс бил заслужен и за конечното средување на британско-ирските односи, откако во Лондон во 1993 година потпишал договор со Велика Британија.
2015.- Јули е најтоплиот месец досега на планетата Земја, со тоа што најтопло било во Европа и Блискиот Исток. Американските метеоролози објавиле дека просечната температура во јули на глобално ниво изнесувала 16,6 степени Целзиусови што е за 1,7 степени повеќе од тоа што било регистрирано последен пат во 1998 година. Најжешки делови во светот во јули биле Европа и Блискиот Исток. Според резултатите температурата регистрирана од првиот до седмиот месец во 2015 година, исто така, бил над повеќедеценискиот рекорд. Температурата на водите во океаните, исто така, бележела раст од 1,35 степени Целзиусови во месец јули во однос на температурата во истиот период регистрирана минатиот век.
(МИА)