На денешен ден25 август 2018
1270.- Умрел францускиот крал Луј Деветти, кој во текот на владеењето од 1226 успеал значително да ја зајакне ослабената кралска власт. Ги предводел Шестата и Седмата крстоносна војна.

1530.- Роден е Иван Четврти Василевич – Грозни, руски цар, приврзаник на автократизмот и на јакнењето на царското самодржавие. Концентрирајќи ја во свои раце целата власт, настојувал со сите средства да ги уништи болјарите, а кметовите што поцврсто да ги врзе за земјата. Наречен бил „Грозни“ поради грубоста во остварувањето на своите планови. Во настап на бес го убил и својот син. Умрел во Санкт Петербург, на 18 март 1584 година.

1718.- Француските доселеници во Америка во Луизијана го основале градот Њу Ореланс, наречен во чест на францускиот војвода од Орлеан.

1744.- Роден е германскиот писател, историчар, филозоф и протестантски теолог Јохан Готфрид фон Хердер.

1776.- Умрел шкотскиот филозоф, економист и историчар Дејвид Хјум. Дела: „Расправа за човечката природа“, „Политички расправи“, „Истражување на принципите на моралот“, „Историја на Англија“, „Мојот живот“.

1819.- Во Витфилд умре Џемјс Ват, шкотски научник и пронаоѓач, конструктор на првата ефикасна парна машина (ја патентирал во 1769). Заедно со Метју Бултон во 1782 година во Сан, кај Бирминген, основал прва фабрика за парни машини во светот. Во знак на признание на овој голем научник единицата за моќ во физиката е наречена „ват“. Роден бил во Гринок, Шкотска, на 19 јануари 1736 година.

1819.- Роден е американскиот детектив од шкотско потекло Ален Пинкертон, кој во 1850 година ја основал Националната детективска организација „Пинкертон“.

1822.- Умрел англискиот астроном од германско потекло Вилијам Хершел, кој во 1781 година ја открил планетата Уран со што станал член, а потоа и претседател на Лондонското кралско друштво. Тој открил и два од петте Уранови и два Сатурнови сателита.

1825.- Република Уругвај добила независност. Била шпанска колонија од 1527 година.

1867.- Умрел британскиот научник, физичар и хемичар Мајкл Фарадеј. Во Лондон во 1831 година открил дека електрицитетот може да се создава од магнет.

1841.- Роден е швајцарскиот хрирург Емил Теодор Кохер, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1909 година. Ја испитувал функцијата на штитната жлезда и значително придонесол за равојот на современата хирургија.

1875.- Капетанот Метју Веб станал првиот човек кој го препливал каналот Ла Манш.

1897.- Во атарот на селото Дедино, Радовишко, раководителот на револуционерната организација од Радовиш, учителот Тодор Станков, заедно со селската полиција убиле двајца Турци колџии, а главаторот на колџиите, злогласниот Агато, ранет успеал да избега и да ги извести властите. Уште истиот ден Дедино било блокирано од Турците, а селаните биле подложени на мачење. Биле затворени 123 селани од Дедино и четворица од селото Ињево и однесени во скопскиот затвор „Куршумли-ан“, каде што биле испитувани и осудени заедно со затворениците од „Виничката афера“. Овој настан е познат како „Дединска афера“.

1900.- Умрел Фридрих Ниче, германски филозоф, професор по класична филологија. Неговите дела имаат повеќе поетски отколку научен карактер, па кон почетокот на 20. век влијаел врз поетското творештво во повеќе европски земји. Негови најзначајни дела се „Така говореше Заратустра“, „Волја за моќ“, „Од онаа страна на доброто и злото“ и „Човечко, премногу човечко“. Роден бил на 15 октомври 1844 година.

1903.- Во гратчето Невеска, нахиски (општински) центар во Леринска околија, здружените лерински и костурски востаници со силен налет го разбиле османлискиот гарнизон од 250 војници и го ослободиле гратчето. Притоа, тие ја уништија телефонската станица, го истакнале востаничкото знаме и заплениле 40 пушки. Истиот ден во Невеска била воспоставена народна управа. Меѓутоа, по неколку денови градчето било реокупирано од османлиската власт. Ослободувањето на Невеска е еден од најзначајните настани во времето на Илинденското востание.

1921.- САД со поразената Германија потпишале мировен договор со што завршила воената состојба меѓу двете држави во Првата светска војна.

1930.- Роден е шкотскиот филмски актер Шон Конери. Филмови: „Д-р Но“, „Голдфингер“, „Операција гром“, „Од Русија, со љубов“, „Дијамантите се вечни“, „Никогаш не вели никогаш“.

1936. – Во Штип е роден Михаил Ренџов – македонски поет, прозаист и преведувач. Завршил Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија. Дел од неговото обемно поетско творештво се и книгите „Иселеник на огинот“, „Страв“, „Полноќ“, „Аутодафе“, „Вечната. Бесконечната“, „Јас оксиморон“, „Псалми“, „Издишки“,  „Јас. Елегии“, како и книгата раскази „Раскази за Захариј“. За своето поетско дело е носител на врвни македонски и меѓународни книжевни награди – „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“ , „Григор Прличев“, „Grand prix international – Romania“, „Златно перо“, Македонска номинација за наградата Балканика, „ Рациново признание“, и наградата за поема „Григор Прличев“.

1983.- Во Скопје умрел Насте Стојковски, директор на НИО „Студентски збор“, општествено-политички работник и новинар. Роден бил во селото Мраморец, Охридско, на 10 јули 1932 година.

1988.- Иран и Ирак во Женева започнале преговори без посредник за ставање крај на осумгодишната војна меѓу двете соседни земји. Војната завршила без јасен победник.

1989.- По 12 години и шест милијарди поминати километри, американскиот вселенски брод без човечки екипаж „Војаџер 2“ стасал до планетата Нептун и нејзиниот сателит Тритон од каде на Земјата испратил снимки од овие небески тела.

1990.- Советот за безбедност на Обединетите нации одобрил воена акција против Ирак кој извршил напад врз Кувајт.

1991.- Белорусија ја објавила независноста од Советскиот Сојуз.

1994.- Во Струга, ноќта на 25 спроти 26 август, умрел Владимир Петрович Бурич, светски познатиот руски поет и мислител, учесник на Струшките вечери на поезијата. Роден бил во Харков, Украина, во 1932 година.

1995.- Штип го зафатило катастрофално невреме проследено со дожд и со град, при што четири лица го загубиле животот од удар на гром.

2003.- Во Бомбај, финансиската престолнина на Индија, во терористичките напади со автомобили-бомби убиени биле најмалку 52 лица.

2007.- Грчката влада прогласила вонредна состојба во целата земја поради големиот број пожари. Во пожарите изгореле 184.000 хектари шума, а згинале 50 луѓе.

2015.- Наставно-научниот совет на Универзитетот за аудиовизуелни уметности го прогласил Мето Јовановски, легендарното име на македонскиот театар и филм, за Doctor Honoris Causa поради неговиот уметнички опус, големиот број на национални и интернационални признанија, кои го издигнуваат на врвот на македонската култура. Мето Јовановски ќе се вбројува во плејадата на големите имиња како што се Јиржи Менцел, Шарл Азнавур, Маноел Де Оливеира, Жан Клод Кариер, Мики Манојловиќ, Александар Морфов, Абдулах Сидран и други.

2016.- Во Париз на 86-годишна возраст починала големата модна дизајнерка Соња Рикијел. За својата служба во француската модна индустрија, во траење од 40 години, Соња Рикијел во 2009 година била одликувана со орденот Легија на честа.

2017.- По кратко боледување почина Огнен Чемерски (42), преведувач, лектор и асистент на Катедрата за англиски јазик при Филолошкиот фаκултет „Блаже Κонесκи“ во Скопје. Едно од делата по кое беше препознатлив е неговата посветена работа врз преводот на „Моби Дик“ од Херман Мелвил. Тој беше син на академскиот сликар Глигор Чемерски. Средно образование завршил во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Со високо образование се стекнал на Универзитетот „Грејсленд“ во Ајова, САД, каде што студиите ги продолжува како добитник на целосна стипендија, откако првите две студиски години ги завршил на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Уште пред дипломирањето се стекнал со првото преведувачко и наставничко искуство, кога му се објавени препеви од поезијата на Вилијам Батлер Јејтс, а за време на студиите во САД на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Грејсленд“ работел како тутор по предметот комуникациски студии и семиотика, при што им помагал на студентите, родени и странски говорители на англискиот јазик, да го совладаат материјалот од наставата во областа на комуникациските студии и семиотиката и да си ја унапредат способноста за пишување есеи. Од 2005 до 2013 година бил ангажиран како надворешен соработник на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Од 2013 година работеше на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ како асистент по предметите теорија и практика на преведувањето, преведување од македонски на англиски јазик и обратно и симултано толкување.