НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Исполнет е заветот на Гоце Делчев, светите коски се носат на почивање во главниот град на слободна Македонија

/ 07.10.2022

Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната столица (главен град) на независна Македонија. Така гласи заветот на ковчегот со посмртните останки на македонскиот великан Гоце Делчев, чие исполнување почнало на денешен ден пред 74 години.

На 7 октомври 1946 година во Софија почнала траорната церемонија – пренесување на посмртните останки на големиот син на македонскиот народ Гоце Делчев, во Скопје, главниот град на тогаш Народна Република Македонија.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, загинал на 4 мај 1903 година во селото Баница, а три години подоцна биле откопани неговите останки и имаат долго патешествие.

Во 1906 година војводите Михаил Чаков и Таската Серски, една ноќ одат тајно во селото Баница во Егејскиот дел на Македонија и ги откопуваат коските на Делчев. Потоа ги потопуваат во шпиртус, ги ставаат во сандак и ги положуваат кај олтарот на црквата во село Баница, а клисарот Никола го задолжуваат да ги чува коските.

За време на Балканските и Првата светска војна, селото Баница трипати било палено, а еднаш и црквата, но олтарот и сандакот со моштите на Гоце Делчев останале неоштетени. За да ги зачува коските, Михаил Чаков повторно оди во селото во 1919 година, ги зема моштите и тајно ги пренесува во куќата во која живеел, каде скриени во подрумскиот простор ги чувал четири години.

На Илинден 1923 година ковчегот со посмртните останки на Делчев по четири години е изнесен од куќата на Чаков и однесен да биде чуван во просториите на Илинденската организација во Софија. Таа била организација на македонските револуционери – емигранти, кои биле следбедници на идеалите на Гоце Делчев за независна македонска држава.

Пред да биде изнесен од домот на Чаков, на ковчегот е запишан заветот: „Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната столица (главен град) на независна Македонија. Август 1923, Илинден“.

Пренесувањето на коските на македонскиот револуционер во просториите на Илинденската организација во 1923 година било документирано и снимено со камера од македонскиот револуционер и публицист Арсениј Јовков, во документарниот филм „Македонија“. Филмот набргу бил забранет од бугарските власти, а една година подоцна, во 1924-та, Арсениј Јовков бил заклан по наредба на бугарскиот слуга Ванчо Михајлов.

Конечно во 1946 година завршува патешествието на светите Гоцеви коски од Егејска низ Пиринска во Вардарска Македонија.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, Македонија бара од Бугарија коските на Гоце да бидат пренесени во тогаш Народна Република Македонија. Според некои извори, тоа го побарал Димитар Влахов, кој имал блиски релации со тогашниот бугарски претседател Георги Димитров.

Предавањето на моштите на Гоце Делчев било одобрено од Димитров, чие потекло е од Пиринска Македонија.

Македонците во знак на почит, три дена (7, 8 и 9 октомври) пешки го носат ковчегот од Софија преку Пиринска Македонија, Струмица, Штип до Скопје.

На 10 октомври Гоце Делчев е погребан во кругот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Заветот е исполнет и коските на Гоце се донесени во главниот град на единствениот слободен дел на Македонија.

Од овој настан има и еден краток и редок видео запис кој може да го погледнете во видеото.

(Подготви: Д.Г.)


Од истата категорија