На 11 август 1992 година со одлука на Собранието на Република Македонија беа усвоени знамето со црвена боја и со 16-крако златно-жолто сонце, со осум основни и осум споредни сончеви зраци.
Тоа беше замена за дотогашното знаме со идеолошки симбол од времето на СФРЈ, односно Социјалистичка Република Македонија, кое исто така беше со црвена основа и со ѕвезда петокрака.
Новото знаме со 16-кракото македонско сонце се користеше до 5 октомври 1995 година, кога беше сменето со сегашново – црвено со златно-жолто сонце, со осум сончеви зраци…
Смената на знамето беше извршена под притисок на Грција и со поддршка од тн. меѓународна заедница, со образложение дека ќе биде прекината блокадата од страна на Грција што беше воведена кон Република Македонија.
Почнаа со смена на знамето, на Уставот и на крај со промена и на името на Република Македонија. Симболот што беше на државното знаме на Република Македонија, кој беше користен и на многу други места, по потпишувањето на Договорот од Преспа, актуелната власт почна да го отстранува и со брусилки да го гребе од јавните површини. И да казнува за негово виорење, како што е последниот случај во судот во Охрид каде што се води судски процес за истакнување на ова знаме на верскиот празник Водици во овој град.
Но, на народот тешко е да му се забрани нешто што сака, па така е постигнат контраефект – знамето со Сонцето од Кутлеш денес се вее на многу куќи, приватни имоти и низ многу населби низ Македонија.
(Д.Г.)