На денешен ден, 11 септември 1905 година на битолскиот Ат-пазар Османлиите го обесија Александар Турунџиев – македонски легендарен војвода.
Александар Турунџев е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Роден е во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, во Егејска Македонија. Во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како комита, а потоа и војвода.
За време на Илинденското востание со својата чета активно учествувал во борбите кај Леринско. Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско.
Станува популарен заради својата храброст и стремеж на сопствениот народ за слобода. Турунџев бил силен маж, атлетски граден, висок, со бујна коса и со високо чело.
Насекаде бил добродојден гостин, зашто со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско.
По востанието учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и влегол во новиот состав на Леринското горско началство.
Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Таму бил подложен на големи измачувања и држан цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август (стар стил) 1905 година. Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола.
Поворката тргнала од Саат-кулата, крај Безистенот, реката Драгор, па сè до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал кој ја читал веста дека ќе биде погубен. Кон поворката се приклучиле повеќе илјади битолчани.
Збунетиот поп пред егезкуцијата го прашал: „Кои се твоите последни зборови?“ Тогаш Александар се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал: „Македонија ќе биде слободна!“
По извикот, сам ја ставил бесилката околу вратот.
Други настани од македонската историја на денешен ден:
На денешен ден во 1903 година на планината Плавица, Кратовско, здружените чети на македонските војводи Славчо Ковачев и Атанас Бабата водеа еднодневна борба против турската војска.
(Владислав Славчо Ковачев)
(Атанас Бабата)
Здружените чети имаа тројца загинати и еден ранет борец.
На 11 септември 1943 година на патот Кичево – Охрид, НОП баталјон „Мирче Ацев“ урна три моста и исече 130 столбови, а во селото Сливово, Охридско, ја запали жандармериската станица.
Следниот ден баталјонот влезе во Кичево.
На денешен ден 1944 година Струмичкиот партизански одред ја ослободи Струмица и околните села, а исто така на овој ден е ослободен и Ресен.
На 11 септември 2000 година на привремената караула Кодра Фура, на македонско-југословенската граница, кон Косово, дојде до серија инциденти во кои непознати вооружени лица пукаа кон македонските граничари.
(Подготви: Д. Г.)