Случајно или совпаѓање, на 24 мај 1954 година, на Денот на солунските браќа Кирил и Методиј, во Скопје е изведена првата македонска национална опера „Гоце“, од македонскиот композитор Кирил Македонски.
Така денешниот ден има двојно значење за македонската историја, култура и писменост.
За денешниот ден Црквата во 11. век, во чест на солунските браќа Кирил и Методиј одлучила 24 Мај да се прославува, како Ден на солунските браќа Кирил и Методиј, сесловенски просветители.
Македонија со посебен пиетет го празнува овој ден, во знак на признание за се она што го направиле светите солунски браќа за развиток на македонската култура.
На 24 мај 2016 година, по повод Денот на солунските браќа, рускиот претседател Владимир Путин изјави:
– Денеска во Русија е свечен ден – Денот на словенската писменост, а писменоста кај нас дојде од македонските земји, изјави рускиот претседател.
Тогаш, оваа изјава на Путин ги збесна бугарските национал – шовинисти.
Тоа е подалечната историја, длабоките корени на писменоста, а денешниот ден е значаен датум и за поновата историја, за првата македонска опера изведена во слободна Македонија.
Операта „Гоце“ премиерно е изведена на 24 мај 1954 година на сцената на Операта на Македонскиот народен театар. Либретото за операта го напишал основоположникот на македонската литература Венко Марковски. Диригент бил Тодор Скаловски, режисер Петре Прличко, а во улогите настапиле Данчо Митровски, Зина Креља, Калина Милошевска, Јордан Тодоровски и Боро Ацевски.
Композиторот Кирил Македонски е роден во Битола во 1925 година, а починал во Скопје во 1984 година. Покрај камерни творби, тој пишувал музика и за радиодрами, за театарски пиеси, за филмови, меѓу кои и за играниот филм „Македонска крвава свадба“.
Тој основното и средното образование ги завршил во Битола и во Скопје, а матурирал во 1946 година. Студирал на музичките академии во Загреб, Сараево и Љубљана, на отсекот за композиции и диригирање, а подоцна се усовршувал во повеќе земји во странство.
Неговите композиции се изведувани во Македонија и во повеќе други земји, меѓу кои Западна Германија, Источна Германија, Франција, Советскиот Сојуз, Полска, Романија, Бугарија, Холандија, Данска, САД, Куба, Аргентина и други.
Покрај операта „Гоце“, Кирил Македонски е автор на уште две други опери со историска тематика: „Цар Самуил“ од 1966 година и „Илинден“ од 1972 година. Покрај оперите, Кирил Македонски напишал и пет симфонии, 20 свечени песни-химни, камерни дела, соло-песни, а балетот „Делфина“ и ораториумот „Кирил и Методиј“ никогаш не биле изведувани.
Тој творел во оскудни услови: операта „Гоце“ ја напишал со помош на позајмен клавир од Радио Битола, додека операта „Цар Самуил“ ја напишал според слухот, понекогаш без никаков инструмент. Првично, операта „Илинден“ требало да се вика „Даме“ и таа била замислена како противтежа на операта „Гоце“, но со текот на времето, името „Даме“ се изгубило.
На почетокот, операта „Цар Самуил“ не можела да се изведува во Македонија, така што познатиот оперски пејач Борис Христов му предложил на Кирил Македонски да ја постави во Рим, под услов да биде наведено дека Самуил е бугарски цар, но Кирил Македонски не го прифатл тоа. Подоцна, оваа опера доживеала 50 изведби во Македонија.
(Подготвил: Д. Г.)