Терминот „20 проценти“ во македонскиот Устав нема да биде заменет со зборовите „албански јазик“ со актуелните измени на највисокиот правен акт, изјави вечерва вицепремиерот и заменик-претседател на СДСМ, Фатмир Битиќи.

Тој вели дека освен промената на Преамбулата на Уставот со вклучување на Бугарите, експертската работна група нема мандат да разговара и за други промени.

Битиќи изјави дека е уверен оти парламентарното мнозинство ги има потребните гласови за дветретинското мнозинство за измена на Уставот.

Промената на изразот „јазик на најмалку 20 проценти од населението“ во „албански јазик“ во Уставот со месеци ја спомнуваа и бараа главно опозициските партии на македонските Албанци. Битиќи за ова зборува во емисијата „200“ на Алсат, која ќе се емитува подоцна вечерва.

– Работната група која има мандат за уставни измени соопшти дека нема мандат ниту за измени, ниту за дискусии за други уставни измени, освен за оние кои се однесуваат на европскиот пат. Мислам дека нема пратеник Албанец кој ќе гласа против евроинтеграциите. Секоја друга дискусија ја гледам како дел од дневно-политичката агенда од различни причини. Убедени сме дека и во македонскиот опозициски блок разумот ќе надвладее и ќе направат мнозинство за уставни измени, рече Битиќи.