На денешен ден во 1943 година на планината Лопушник под неразјаснети околности е убиен поетот Кочо Рацин, а на овој ден во 323 година п.н.е. во Вавилон смртта го победи големиот и непобедивиот војсководец Александар Македонски.

Според други извори вечерта на 10 јуни спроти 11 јуни во 323-та г.п.н.е., во древниот Вавилон, во 33 година од животот, од непознати причини умира Александар Македонски, еден од најпознатите војсководци и освојувачи во историјата. Неговиот гроб е вечна мистерија за археолозите и историчарите.

Смртта на Рацин, официјално, се води како несреќен случај, но има многу дилеми дали навистина било несреќен случај. Рацин загинал како партизан, а во македонската историја е забележан како поет и револуционер и еден од темелниците на современата македонска литература.

Телото на Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки се пренесени во Велес, каде што се родил на 22 декември 1908 година.

Борец за македонската кауза

Рацин влегол во КПЈ од која подоцна бил исклучен, а влегувал и во битки против посрбувањето и побугарчувањето на македонскиот народ. Еве како му одговорил на Никола Вулиќ, српски археолог кој долго работел во Вардарска Македонија дали „Јужна Србија или Македонија“:

„За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие“, одговара Рацин.

Натаму македонскиот поет Рацин реплицира:

„Во периодот на националната преродба кога доаѓа тн. граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава. Во тоа време од историската ризница извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде што можеле слободно да се движат… Тие луѓе го зеле српското име бидејќи видел: ние бевме Срби… Тие луѓе тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари…“, вели Рацин.

И продолжува:

„Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е вашата грешка. По тоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ“, реплицира Рацин.

Тој продолжува:

„И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја. Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постои како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но, вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија…“, му одговорил Рацин на Вулиќ.

Прв Македонец што ги проучувал Богомилите

Koста Апостолов Солев Рацин е основоположник на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ издадена во Загреб во 1939 г. претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен поезија Рацин пишувал и проза, а напишал и повеќе значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.

Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Од историјата Рацин покажал посебен интерес за богомилското движење и напишал неколку трудови на таа тема: „Драговитските богомили“, „Богомилите“ и „Селското движење на богомилите во средниот век“.

Посебно вреди да се одбележи Рациновата теза дека „богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја“ („Богомилите“). Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење.

Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

 

Големиот Александар – синот на Филип Втори Македонски

За денот на смртта на големиот војсководец Александар Македонски, како и за денот на раѓање, има неколку датуми. Еден од прифатените е денешниот, 13 јуни 323 г. п.н.е. во Вавилон.

Александар Македонски е син на Филип Втори Македонски и на Олимпија. Со своите походи, на кои неговата војска за 8,5 години минала 18.000 километри, создал држава каква што не постоела според пространство ниту пред него, ниту по него. Исто така и за раѓањето има неколку датуми, а прифатено е дека е роден во Пела на 22 јули 356 г.п.н.е.

Александар III Македонски или Велики е македонски цар од династијата на Аргеади. Бил воспитуван и образован во духот на македонската аристократска традиција. Негов учител бил и филозофотот Аристотел. На македонскиот престол дошол по убиството на неговиот татко Филип II, во 336 г. п.н.е.

Откако ги зацврстил позициите на македонскиот трон и ги принудил соседите на покорност го започнал својот поход. На својот пат кон земјите на изгревот на сонцето, ја покорил моќната Персија и ги проширил границите на Македонија до Авганистан и Индија.

Александар Македонски во историјата ќе остане запаметен како најголем светски војсководец и непобеден воин, творец на новиот свет, на новиот поредок. Римјаните кои тргнале по стапките на Македонците, го нарекле Alexander Magnus.

Детството го минал на дворот во Пела. До тринаесетата година, за него се грижел Леонид, роднина на Олимпија. Во 343 година бил испратен во малото место Миеза, каде се школувала младата македонска аристократија. Во селото кое било одалечено околу 40 километри југозападно од Пела и во кое се наоѓал гимназиум каде го вежбале своето тело и ум младите Македонци, работел тогаш 40 годишниот филозоф Аристотел. Во Миеза, Александар останал три години, а за тоа време се стекнал со познавање од: поезија, астрономија, геометрија, реторика и др. Покрај својот ум, Александар го вежбал и своето тело натпреварувајќи се во гимнастички вежби, јавање и лов.

Од мајка му фантазија, а вештини од татко му

Учителот Аристотел извршил големо влијание во психофизичкиот развој на Александар. Тој ја поттикнал неговата љубов кон природните науки, историјата и уметноста, општественото уредување на државата, односот кон поданиците и верата, животот и смртта.

Покрај Аристотел, врз развојот на Александар огромно влијание имале неговата мајка Олимпија, татко му Филип и војсководецот Антипатер. Мајка му кај Александар го развила чуството и фантазијата на мистицизмот, додека Филип и Антипатар го подготвиле со воени вештини.

Школувањето траело до 340 година, кога Александар на 16-годишна возраст бил поставен за регент на Пела. Филип му го доверил управувањето на Македонија, додека тој бил во поход против Византион. Следејќи ги духовно битките и победите на Филип, со помош на Антипатар, Александар во Пела ги изучувал воените вештини и се подготвувал за војните кои го очекувале.

Првиот воен поход му бил против племето Мајди, кое живеело во горниот тек на реката Стримон. Во знак на својата прва победа, тој го основал градот Александрополис. Со воена слава се стекнал на 18 години, кога учествувал во битката кај Херонеа и заедно со својот татко, во 338 година ги победиле здружените сили на Хелените.

Во 336 г. п.н.е. бил убиен македонскиот крал Филип Втори.

По кампањата за ликвидирање на заговорниците, убиецот Павсаниј и двата принца од Линкестида, Арибеј IV и Херомен, како и претендентите за македонскиот престол, а поддржан од генералите Перменион и Антипатар, Македонското собрание под оружје во летото го прогласува Александар за владетел на Македонија.

На престолот на 20 години

Александар имал 20 години кога седнал на македонскиот престол.

Веста дека е убиен Филип, најголемиот непријател на Хелените, ја израдувала Атина, а Демостен со потценување го нарекол престолонаследникот Александар маргит (глупчо). Но, радувањето на Атина било со краток век. Првата воена акција на Александар била насочена токму кон хеленските полиси кои се обидувале да ја отфрлат македонската власт.

Истата година тој организирал поход низ Тесалија и Делфиската амфиктионија, Теба и Атина, до Пелопонез и ги принудил да го почитуваат Коринтскиот договор, според кој тој ја наследува титулата Хегемон на Хелените.

Во 335 г. п.н.е. Александар тргнал во поход на Тракија, Дарданија, се до Дунав и ги поразил Трибалите и нивните сојузници Гетите. По примањето на нивното поклонство, ги поразил и илирските племиња, па преку Пајонската територија се спуштил во Хелада, каде што повторно избувнувало антимакедонско востание, поттикнато од Демостен. Александар ја срамнил со земја побунетата Теба, а исплашената Атина го прифатила понудениот мировен договор.

Откако го осигурал мирот на Балканот (Македонски Полуостров), а на Антипатар му оставил елитна 12.000-на македонска пешадија и 1.500 коњиници, во пролета 334 г.п.н.е. Александар ја започнал источната кампања. Во поход против Персија тргнал од Амфипол со околу 40.000 војници. Со флота од 182 воени кораби војската на Александар го поминал Хелеспонт.

Со приклучување на хеленските кон македонските војски, Александар покрај другото имал за цел да ги намали нивните воени ефективи кои евентуално би можеле да го искористат неговото отсуство и да ја загрозат Македонија. Меѓутоа, Александар во нив никогаш немал доверба, а во текот на борбите на хеленските војници им доверувал маргинална улога.

Победи против моќната Персија

По навлегувањето во Мала Азија, првиот воен судир со персиската војска се случил во 334 година кај реката Граник на Пропонтида. Првата победа му го отворила патот низ Мала Азија. Ги освојува Милет и Халикарнас кои дале отпор и лидискиот град Сард кој се предава без борба, а потоа и градовите на Ајолида и на Јонија, меѓу кои е Ефес, каде што е дочекан како ослободител од персиското ропство. Со доаѓањето на зимата ја дели војската на два дела. Едниот дел, на чело со Парменион, оди да презими во Сард, а другиот тргнува во поход преку Карија, Ликија и Памфилија, освојувајќи ги сите градови и тврдини.

Александровата војска повторно се здружила во 333 г.п.н.е. во Гордион, каде што, Александар го пресекол со меч легендарниот јазол на јаремот на кралот Мида. Пресекувањето на неразврзливиот јазол, било знак дека тој ќе го исполни пророштвото и дека ќе загосподари со Азија.

Првиот знак бил големата победата кај Ис со персиската војска, во која персискиот цар Дариј III Кодоман бега од бојното поле. Оваа победа му го отворила патот на Александар кон Египет. Во Египет, Александар бил дочекан како ослободител. Египетските свештеници од храмот во оазата Сива, го прогласуваат за син на Амон и наследник на фараоните.

Тој на делтата на реката Нил го основал градот Александрија. Обликот на градот бил направен според хламидата, наметка на македонскиот војник, а според древниот македонски обичај територијата на градот Александар ја исцртал со брашно од јачмен.

Походот го продолжил преку Сирија македонската војска влегла во Месопотамија. Ги минал реките Еуфрат и Тигар и повторно се судрил со персијската војска кај Гавгамела. Во оваа битка тој ја извојувал третата голема битка, во која катастрофално ја поразил војската на Дариј III. По оваа победа Александар се прогласува за цар на Азија и без борба, царски влегува во древниот град Вабилон, главен центар на Персиското Царство. Потоа ја освоил втората персиска престолнина Суза и главниот град Персепол.

Александар во освоените територии најчесто ја задржувал домашната воена и цивилна власт, Македонците единствено ја имале финансиската власт, додека пак македонската војска ја контролира освоената територија.

На својот пат кон крајот на светот, Александар во 327 г.п.н.е. во Бактрија се оженил со Роксана (Рушанак), една од најубавите жена на Иран.

Во 326 г.п.н.е. Александар заминал во поход на Индија. Во пролета го минал Инд, а Роксана му родила машко дете кое наскоро умира. Дури по смрта на Александар, Роксана или „ќерка на светлината“, која „имала долги руси плетенки како млада пченица“, ќе го роди синот Александар IV.

Во летото истата година, на реката Хидасп, Александар ја водел последната голема битка со Абисар кралот на Кашмир и Пор кралот на Пенџаб. По големата величенствена победа, кон своето царство ги присоединил и земјите од онаа страна на Инд. Во чест на големата победа го основал градот Никаи (Победа), а во негова близина го изградил и градот Букефала во спомен на својот славен и верен коњ Букефал.

Не стигнал да го открие крајот на светот

Александар имал намера да ја освои државата Ганг и да го открие крајот на светот. Тргнал кон истоток, но по пристигнувањето на бреговите на реката Хифас, војската која била психофизички исцрпена, одбила да продолжи. Александар ја послушал македонската војска, а на брегот на реката подигнал дванаесет олтари на македонските богови и столб на кој пишувало: „Овде застанал Александар“.

Враќањето на војската започнало со давање жртви на боговите. На враќање, на брегот на Инд, основал нов град Александрија, кој бил уште еден од 17 –те кој ќе го носат неговото име. На брегот на Индискиот Океан, Александар ја поделил војската на два дела. Војската под негово водство се движела по тешкиот пустински предел покрај брегот, додека другиот дел под водство на Неарх пловел 80 дена со флотата.

Во 324 година, по тешки искушенија, целата македонска војска се собрала во Суза. Воден од мислата да создаде светска држава, притоа почитувајќи ги другите култури, Александар во Суза ја организира „Големата свадба на народите“, на која се венчаваат 10.000 Македонци со Персијки. Во Вавилон ја реорганизирал војската, интегрирајќи 30.000 персиски војници во Македонската војска.

Александар планирал и други походи, но поради прераната смрт на воинот овие планови пропаѓаат. Тој останува запаметен како најголем светски војсководец и непобедив воин.

(Подготвил: Д.Г.)