Народниот херој Чеде Филиповски Даме, кој преживеал многу битки, животот го изгубил во слободна Македонија, во неразјаснета сообраќајка, на 29 јуни 1945 година, а на истиот ден во 1990 година од Санк Петербург во Скопје се пренесени моштите на истакнатиот македонски деец Димитрија Чуповски.

Чеде Филиповски, кој во НОБ го користел партизанското име Даме, според Илинденецот Даме Груев, живеел само 22 години и ги посветил на борбата за слобода на Македонија. Роден е на 16 ноември 1923 во мавровското село Никифорово во семејството на Русе Филиповски. Работел како ѕидар во кога почнала војната во 1941 и брзо потоа се вратил во Македонија.

Тој е еден од организаторите на НОВ во Мавровскиот крај, кој од од ѕидарски работник стана командант на дивизија, а од член на партиска ќелија во 1941 година во родното Никифорово станал член на АСНОМ –  највисокото преставничко тело во Македонија.

Во четири годишната борба против фашистичкиот окупатор и домашните  предавници, Чеде се покажал како бестрашен борец. Писателот Владо Малевски  за него напишал:

Чеде го родија Митра и Русе, а Даме го роди Револуцијата

„Чеде го родија Митра и Русе Филипоски, а Даме го роди Револуцијата од 1941 година, во окупирана Македонија. Дамета го роди и Мавровското поднебје. Го родија тагите и солзите печалбарски, го роди гордоста на правдољубивоста на планините, го роди гневот на генерациите против постојната сиромаштија, робувањето и експлоатацијата“, напишал меѓу другото Малески.

Чеде како 14-годишно момче заминал во Белград, каде работел и по 15 часа дневно. На белградските градилишта ја осознавал суровоста на сиромаштијата, печалбарството и неправдите во животот.

По фашистичката окупација на Кралството Југославија во 1941 година, Чеде се враќа во родниот крај во Македонија и активно се вклучува во националното ослободително движење. Набргу станува член на Месниот партиски комитет за Гостивар, а во 1942 година и секретар на Околискиот комитет на КПМ за Гостивар.

Во текот на НОБ политичката дејност ја продолжува со воени активности. Така многу млад станал заменик политички комесар во Мавровско-гостиварскиот одред, во 1943 година и командат на баталјон и заменик командант на бригада, а во 1944 година и заменик-командат и командант на 48 македонска дивизија на НОВ.

Во многу борби се истакнал со својата храбрсот, како воин. Особено со својата храброст се истакнал во борбите за ослободување на Кичево, Пресека, Дебар, Кленоец, Дебарца, Локов и други битки. Иако бил заменик командант на Првата македонско-косовска бригада, тој бил во првите борбени редови, со што ја стекнал довербата кај соборците. Како храбар и правичен борец станал омилен меѓу борците, кои му се обраќале со името Даме.

Доживеал тоа што е сон на секој борец за слобода на Македонија, да е на чело на дивизија, да го ослободи и родниот крај, да ја види слободна Македонија.

И апсурдот на борецот кој преживеал многу страшни битки се случил на 29 јуни 1945 година во сообраќајната несреќа што му се случила кај Радовиш, возејќи мотор од Штип кон Струмица.

Неговото загинување, впрочем како и повеќе други, останало неразјаснета мистерија: дали тоа била сообраќајна несреќа или местенка за ликвидација!?

За народен херој бил прогласен, постухомно, на 1 август 1949 година.

 

Од Папрадиште до Ленинград и назад во Скопје

 

На 29 јуни 1990 година од Санкт Петербург (тогашен Ленинград) во Скопје се донесени моштите на Димитрија Чуповски, македонски патриот, политичар, просветител, историчар, картограф и новинар. Негово веќно почивалиште е црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Чуповски е роден во велешко Папрадиште на 8 ноември 1878 година, а починал во Ленинград, во тогашен СССР, на 29 октомври 1940 година. Тој е македонски деец и еден од најистакнатите афирматори на македонската национална мисла. Димитрија Димов Чуповски за време на својот не многу долг живот бил поет, публицист, редактор, книгоиздавач, картограф, историчар, лексикограф и културен деец, како и основач и претседател на повеќе друштва и организации за афирмација на Македонија. Тој ќе остане забележен во историјата како еден од најголемите борци за самобитноста на македонскиот народ како и за обединувањето на Македонија и конституирање во национална држава на македонскиот народ.

Чуповски е роден во угледно семејство на македонски револуционери – автономисти, како посмртче, по убиството на татко му од страна на албански платеници. Откако неговото село било изгорено од албанските качаци, на десетгодишна возраст се преселиле во Крушево, родното место на неговата мајка. Се школувал во Папрадиште и во Крушево, каде го научил и молерскиот занает и со своите браќа заминал на печалба во Софија каде го продолжил образованието во 1892 година. Во тогаш новосоздадената бугарска држава дење работел, а ноќе учел во Вечерната школа на македонските „лозари“. Во присуство на Даме Груев, Петар Поп Арсов и други македонски студенти, борбата за правата и слободата на македонскиот народ станува негов иден животен пат. Своето образование го продолжил во Вечерната светосавска учителска школа во Белград од 1892 до 1895 година, каде што членувал во ученичкото друштво „Вардар“ во 1893/94 година.

Краток период Чуповски се вратил и работел како учител во Папрадиште, а во учебната 1895/96 година бил затворен поради неговата револуционерна активност. Потоа упеал да избега и преку Белград заминал во Русија, каде го продолжил образованието во Духовната семинарија во Новгород и во Семферопол.

Во 1902 година го основал Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) во Санкт Петербург. Како претседател на МНЛД започнува низа активности преку кои ја запознава руската и европската јавност за вистинската состојба во Македонија. Држи низа предавања во Другарството и надвор од него, на кои ги пренесува желбите на македонскиот народ за самостојност и сопствена држава. За состојбата во Македонија води разговори со руските власти, со Турската и Австро-унгарската амбасада. Во 1905 и 1911 година патува во Македонија со намера да подготви отварање училишта на македонски јазик.

Пред Балканските војни, Чуповски настапува на јавни собири и е присутен во рускиот печат, а по започнувањето на војната доаѓа во Македонија. По пристигнувањето во Скопје и Велес заедно со Петар Поп Арсов, Иван Поп Јорданов и други интелектуалци создаваат јадро на борбата на македонскиот народ за создавање на македонска независна држава.

Акцијата која ја започна Чуповски се пренесува и во Солун, каде Ризо Ризов и Павел Шатев ги организираат симпатизерите и активистите за спроведувањето на акцијата на Чуповски и другите револуционери од Велес и Скопје. Како резултат на овие активности се организира општомакедоноска конференција во декември 1912 година на која се бара слобода на македонскиот народ и создавање на независна и обединета македонска држава. Од конференцијата Чуповски добива полномошно за да може да ги застапува интересите на македонскиот народ пред Европа, а истовремено се заклучува неговата мисија да се поддржи со широка пропаганда како во Македонија така и надвор од земјата.

Активноста на Чуповски во Македонија била спречена од српските, грчките и бугарските власти, кои отворено му се заканувале и бил протеран од родната земја. По повторното враќање во Русија, Чуповски пишува статии за неправдата кон Македонија. Тој во текот на Мировната конференција во Лондон го истакнал фактот дека во војната против Турција учествувале илјадници Македонци, па поради тоа барал од сојузниците да му дозволат на македонскиот народ да создаде сопствена држава.

За подобро запознавање до македонското прашање и желбата на Македонците за своја слободна држава, во март 1913 година ја објавува првата карта на македонски јазик во боја „Карта Македонија“ и заедно со Меморандумот на Македонците од 1 март 1913 година ги праќа до Лондонската конфереција и до рускиот печат. Три месеци потоа, на 7 јуни 1913 година потпишан е „Меморандум на Македонците“ кој е испратен до владите и јавноста на балканските држави, а на 9 јуни 1913 година се појавува и првиот број на списанието „Македонски глас“.

Двата меморандума на Македонците од Петроград, покрај тоа што биле упатени во Лондон, Софија и Атина, билеа објавени и во списанието „Македонски глас“, во тоа време единствено гласило на македонскиот народ. Ова списание кое Чуповски и МНДЛ го издавале на руски јазик, е најзначајна периодична публикација на македонската национална мисла. Ова списание кое до 20 ноември 1914 години е отпечатено во 11 броја, преставува важен историски архив за борбата на Македонците за зачувување на територијалната целост на Македонија и за извојување на националната слобода на Македонците.

Синот на крстот му ги напишал истите зборови што Чуповски ги напишал за брат му Наце

Покрај многуте официјални акти Чуповски заедно со Крсте Петрков Мисирков, од името на Петроградската и Јужноруската македонска колонија, поднесуваат до рускиот министер за надворешни работи опширен Меморандум од 14 август 1914 година. Потоа заедно со Наце Димов во 1915 година, преку Друштвото за помош на почетници литератори, артисти, уметници и научници на Русија организираат Словенски лазарет за ранетите руски војници. Во 1916 година Чуповски се обидува повторно да дојде во Македонија, но завршува неуспешно на романската граница. Со почетокот на Октомвриската револуција во 1917 година пропаѓаат и обидите на Македонскиот револуционерен комитет за создавање на Балканска Федеративна Демократска Република.

Борбата за самостојност и за национална држава на македонскиот народ на Димитрија Чуповски не престанува се до неговата смрт. Подготвил македонско-руски речник, кој не стигнал да го заврши, а пропаднал заедно со ракописот на лексиконот за историја, етнографија, јазик, фолклор и културата на Македонија   во бомбардирањето на Ленинград во 1942 година.

Чуповски починал на 29 октомври 1940 година во Ленинград. На погребот неговиот ковчег бил покриен со знамето на Македонската колонија изработено во 1914 година, а на крстот неговиот син напишал: „Борец за правата и слободата на македонскиот народ“. Всушност тоа се истите зборови што самиот Чуповски ги испишал за брат му Наце.

Моштите на Чуповски, со државни почести, на денешен ден во 1990 година беа пренесени од Ленинград во Скопје во црквата „Св. Спас“, каде што почива и македонскиот апостол Гоце Делчев.