Популарниот македонски артист и патриот Ванчо Петрушевски во несреќен случај го загуби животот во 2018 година, а на денешен ден во подалечното минато од македонската историја се случиле два настана: ослободувањето на Невеска во Егејска Македонија и Дединската афера во Радовишко.

Актер на театарската и патриот на македонската сцена

На 25 август 2018 година на 67-годишна возраст, во несреќен случај од струен удар во скопското село Орешани, почина доајенот на македонското глумиште Ванчо Петрушевски.

Роден на 19 април 1951 година, во Скопје. Дипломирал на Отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје во 1975 година. Оттогаш како актер работи во Драмскиот театар во Скопје, сè до неговото пензионирање во 2017 година.

Петрушевски беше активен на повеќе полиња и надвор од театарот, како водител на шоу, снимаше филмови, а негова пасија беше и сликарството. Тој е еден од творците на серијата Македонски народни приказни. Многу генерации го препознаваат по ликот на Рамче. Тој го снимил филмот Досие КА, според негово сценарио и продуцентство, а истовремено ја толкувал и главната улога.

Широк е репертоарот на негови улоги на сцената на Драмскиот театар во кој настапува. Еве дел од нив: Ослободувањето на Скопје, Солунски патрдии, Панургиј, Чудото на свети Ѓорѓија, Сомнително лице, Мачорот Мики Траси и Џингин Кан, Полнета птица, Дупло дно, Коприварник, Ноќ спроти Водици, Собирен центар, Чија си, Женски оркестар, Грев или шприцер, Харем, Маратонците го трчаат почесниот круг, Зоолошка приказна, Сега му е мајката, Вујко Вања, Словенскиот ковчег, Платонов, Земјомерот, Сонот на летната ноќ, Тетовирани души,  Марисол, Хамлет од Долно Гаштани, Македонски рулет, Лебедова песна,  Баал, Живот во тесни чевли, Буре барут, Атена со пенис и др.

Ванчо Петрушевски настапувал и на сцените на Македонскиот народен театар, народните театри во Штип, Велес… Добитник е наградите „Димче Трајковски“ за улогата Јаков во претставата „Дупло дно“ (1985 година за актерско остварување на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во претставата „Собирен центар“ (1989 год.). Во 1987 година Петрушевски е избран за најпопуларно ТВ лице на годината, а во 1988 година ја доби наградата Најдобро артистичко остварување во филмот и на телевизијата.

Во последните години честопати беше актер и на политичко – граѓанската сцена. Тоа особено во периодот кога како противтежа на тн. Шарена револуција во Македонија неколку месеци се одвиваше масовен народен протест познат под мотото „За заедничка Македонија“, а против разнебитувањето и заканите за унитаризмот на Република Македонија.

Ослободувањето на Невеска кратко траеше

На 25 август 1903 година во градчето Невеска, нахиски (општински) центар во Леринска околија, здружените лерински и костурски востаници со силен налет го разбиле османлискиот гарнизон од 250 војници и ја ослободиле Невеска.

Притоа, тие ја уништиле телефонската станица, го истакнале востаничкото знаме и заплениле оружје. Истиот ден во Невеска била воспоставена народна управа.

Меѓутоа, по неколку денови градчето било повторно окупирано од војската на османлиската власт.

Ослободувањето на Невеска, како и ослободувањето на Клисура, било дело на здружените востанички чети од Костурскиот и Леринскиот востанички реон. Врз основа на разработениот план кај селото Псодери, операцијата за ослободување на Невеска била изведена под команда на искусниот војвода Васил Чакаларов, а во содејство со војводите Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Никола Андреев, Никола Мокренски (Алај – бег) и др. Во нападот учествувале околу 700 востаници кои од четири страни настапувале кон градот.

Додека војводата Чакаларов ги следел и раководел со дејствијата од соседната височинка од каде имал преглед и услови да интервенира доколку акцијата биде загрозена од турскиот аскер, првата група востаници настапувала од север од страната на село Бел Камен, втората од исток и југоисток од страната на селото Зеленич, трета од запад од страна на село Елово и четвртата од југоисток од страна на селото Прекопана. Концентрацијата на силите траеле во текот на денот и ноќта, а четата на Иван Попов успеала незабележано да се доближи на само 600 метра од шаторите на аскерот.

Нападот го започнал со силен оган во три часот наутро леринскиот одред кој напаѓал од северната страна на Невеска. Четирите одделенија на војводата Иван Попов, со прецизна стрелба оневозможиле турските војници да дојдат до оружјето, а други три се доближиле до војниците. Забележувајќи дека од спротивната страна нема стрелба, турските војници избегале во панично бегство во правец на Зеленич, оставајќи го оружјето и опремата. Веднаш потоа војводата Попов, од северната, а Андреев од јужната страна влегле во градот.

По влегувањето во градот востаниците наишле на отпор од турските војници во касарната. Но, откако увиделе дека долго време нема да издржат, турските војнци избегале. Востаниците во касарната заплениле 37 модерни пушки маузер, 6.000 куршуми, воена опрема, шинели и друго, по што ја запалиле.

Иако мудурот навреме избегал, последниот објект кој бил освоен во Невеска бил мудирлукот. Во борбите за овој објект биле убиени тројца, а заробени седумина заптии, меѓу кои и баш-чаушот Сулејман. Со оваа акција борбата за Невеска била завршена, а на мудирската кула било истакнато востаничкото знаме.

По завршувањето на борбите, во текот на вечерните часови, костурските востаници се повлекле од градот, додека леринските, предводени од Ѓорѓи Поп Христов, останале уште два дена, со цел да помогнат за воспоставување на Привремена управа во градот.

На 27 август 1903 година, турската војска која броела околу 15 илјади луѓе, во две колони се упатила кон Невеска. Главната колона, со сила од 10 илјади војници, настапувала со забрзан марш од правецот на Клисура и селото Загоричани, а другата колона која броела околу 5 илјади војници настапувала од правецот на Лерин и селото Бел Камен.

Согледувајќи ја новонастанатата ситуација, во согласност со стратегијата за водење на вооружената борба и за да се избегнат непотребните жртви, востаниците решиле без борба да се повлечат од Невеска. И покрај брзата интервенција на османлиската војска, извлекувањето на востаниците било успешно спроведено со што бил избегнат судирот со турскиот аскер. Главнината на востаниците се повлекла на југ, кон Емборската Планина во Кајларско, а помалиот дел од силите се упатил кон Корештата, во Костурско.

Со цел да се избегне судирот со големите турски единици, повлекувањето се одвивало со забрзан марш. Востаниците успеале да ги избегнат судирите, иако турската војска ги имала запоседнато сите позначајни врвови и планински преслапи, па дури за да се стесни просторот за маневар и засолнување на востаничките сили таа спровела систематско сечење и палење на шумите. Но, ни тие мерки не ги дале очекуваните резултати. Главнината на востаниците, без поголеми загуби, се извлекла од обрачот.

Блескавите војнички победи за жал не биле крунисани со поголеми политички ефекти. И овде, како и во Крушево со Крушевската Република, забележително е формирањето на револуционерна власт во ослободените краишта, особено во Клисура и Невеска, што претставува уште еден придонес во остварувањето на државотворните стремежи на македонскиот народ. (Извор: В. Стојчев, „Широк одзив“, Одбрана бр.93, 2004, стр.37 – 39 )

Ослободувањето на Невеска е еден од најзначајните настани во времето на Илинденското востание.

Осудените од Дединска афера затворени во Куршумли-ан 

На денешен ден 25 август 1897 година во атарот на селото Дедино, Радовишко, раководителот на револуционерната организација од Радовиш, учителот Тодор Станков, заедно со селската полиција убиле двајца Турци колџии.

Но главаторот на колџиите, злогласниот Агато, ранет успеал да избега и да ги извести османлиските власти.

Уште истиот ден Дедино било блокирано од Османлиите, а селаните биле подложени на мачење. Биле затворени 123 селани од Дедино и четворица од селото Ињево.

Потоа ситебиле однесени во скопскиот затвор Куршумли-ан, каде што биле испитувани и осудени заедно со затворениците од Виничката афера.

Овој настан е познат како Дединска афера.

(Д.Г.)