Почнувајќи на денешен ден 28 април, во Солун, група македонски интелектуалци, формирана со цел со динамит да се предизвика интервенција на европските сили во Македонија и да се запознае европската јавност со состојбата во Македонија, ги дигнаа во воздух францускиот брод „Гвадалкивир“, Отоманската банка, Поштата, Плинарницата и други јавни објекти.
Овие настани, во македонската историја се познати како Солунски атентати. Тие се извршени неколку месеци пред почетокот на Илинденското востание и претставуваат најкрупен настан кој предизвика силен ефект во европската јавност и во европската дипломатија.
Солунски атентати
Повеќе бомбашки напади на објекти, при што се внимавало да нема жртви, се изведени од 28 април до 1 мај 1903 година од страна на Гемиџиите, анархистичка револуционерна група која се борела за слободна Македонија. Целта на солунските атентатори била да се нападне најзначајниот европски град во Османлиската Империја за да се привлече вниманието на големите сили и да се реши македонското прашање.
Во изведувањето на Солунските атентати учествувале десетмина гемиџии: Јордан Поп Јорданов – Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов и Цветко Трајков.
Поради страдањето на македонскиот народ од турската тиранија, Гемиџиите одлучуваат да преземат дејства преку кои ќе го актуелизираат македонското прашање во Европа. Со таа цел, решаваат да извршат напади врз објекти на европскиот капитал во Турција. Гемиџиите сметале дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и дека преку нивните индивидуални акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во ослободувањето на Македонија.
Како настанала групата Гемиџии
Во 1898 година започнале преговорите помеѓу ТМОРО и Македонскиот таен револуционерен комитет (МТРК) што резултирало со самораспуштање на МТРК, а поголемиот дел од дејците се влеале во Македонската револуционерна организација и Македонскиот комитет, додека Слави Мерџанов, Петар Соколов и Петар Манџуков решиле да дејствуваат самостојно и формирале терористичка група подоцна позната како Гемиџиите. Во 1899 година тие заминале во Цариград со цел да го убијат султанот Абдул Хамид II. Откако се увериле дека не постојат никакви шанси за успешно изведување на атентатот, тие пристапиле кон нов план што опфаќал уривање на Отоманската банка во Цариград. Мерџанов го известува Јордан Поп Јорданов – Орцето и овој презел мерки за организирање на слична акција во Солун. Со парите, тие најмуваат куќа веднаш наспроти Банк Отоман и цела година групата копа тунел под земјата што води кон основите на банката.
Во исто време, копањето на цариградскиот тунел одело многу бавно. Набрзо дошло до откривање на каналот како резултат на предавство во почетокот на 1901 година. Помеѓу другите документи кои паднале во рацете на османлиските власти, се наоѓал и опширниот извештај за копањето на цариградскиот канал. Во меѓувреме сите биле уапсени, а потоа депортирани во Бугарија, каде што Слави Мерџанов и Петар Соколов почнале да разменуваат нови идеи за акции. Тие планирале да го пресретнат легендарниот Ориент-експрес кај Едрене. За таа цел двајцата формирале група од десетина луѓе, која успеала да се префрли во Одринско во јули 1901 година. Четниците ставиле големо количество динамит на железничката пруга, но акцијата врз возот неуспеала, а четата го киднапирала синот на локaлен турски земјопоседник, но била опколена, во борбата повеќето од четниците биле убиени, а заробените биле јавно обесени во центарот на Едрене.
Акциите во Солун
Во пролетта 1902 година Гемиџиите успеале да обезбедат 300 кг динамит и го довршиле каналот до Отоманската банка во Солун. Иако тие планирале што побргу да ги извршат нападите, Даме Груев им сугерирал да почекаат и да ја синхронизираат нивната акција со претстојното востание (Илинденскотот). За разлика од Груев, Борис Сарафов им дал морална и материјална поддршка на Гемиџиите.
Групата решава атентатите да започнат на 28 април 1903 година. Планот составен на последното советување одржано надвор од градот бил да се потопи францускиот брод, да се минира пругата во близина на солунската станица, да се запали резервоарот за газија од којшто се осветлувал градот; да се дигне во воздух Отоманската банка, да биде запален Бошнак-ан и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата.
Секој точно знаел каква била неговата задача во определеното време за акција. Во врска со прашањето дали атентаторите треба да загинат при акциите дошло до различни мислења. Поп Јорданов, Кирков и Мечев го застапуваат ставот дека атентаторите треба да го положат својот живот, додека Шатев, Арсов и Бошнаков не се согласуваат со тоа. На крајот е одлучено секој сам да си го направи изборот.
Во акциите да нема цивилни жртви
На 28 април околу пладне во близина на солунското пристаниште Павел Шатев со динамит го дига во воздух францускиот брод Гвадалкивир. Акција била двојно успешна, бидејќи бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени.
Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул – Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан хаос во железничкиот сообраќај.
На 29 април вечерта, околу 8 часот, Константин Кирков поставува динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град е во темница и без вода. Во целиот град владее паника, хаос и страв.
Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, врз Отоманската банка се фрлени две бомби по што Јордан Поп Јорданов – Орцето го активира експлозивот, кој уништува поголем дел од зградата на банката.
Во истото време на повеќе локации во Солун гемиџиите фрлаат бомби: Милан Арсов фрла бомба во летниот театар Алхамбра, Илија Трчков фрла две бомби на главната улица, Димитар Мечев фрла две бомби пред хотелот Египет, Константин Кирков фрла бомба пред Гранд хотелот, а Георги Богданов пред кафеаната Ноја. Владимир Пингов предизвикува пожар кај Бошњак-ан, а потоа фрла бомба пред вратата на Топхането (турската државна управа), каде што е застрелан од војници.
По овие акции Мечев и Трчков се вратиле во својот стан и од таму почнале да фрлаат бомби врз турската војска. Откако фрлиле 50-60 бомби се самоубиле за да не бидат фатени од турските власти.
На 30 април, во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Поп Jорданов.
На 1 мај, се извршуваат две неуспешни акции. Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од стражарот, а Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми паша. Откако не успева, атентаторот се самоубива активирајќи бомба.
Бомбите од Солун одекнаа во Европа
Гемиџиите успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција на своето време. Нивниот план бил успешно извршен. Сите дипломатски претставници во Солун ги известиле своите влади за солунските настани.
Билансот од атентатите бил: директно од динамитот на гемиџиите настрадале Гвадалкивир, Банк Отоман, гасоводните цевки, Гранд Хотел Солун, кафеаните Ал Xамбра и Ноја и Бошнак-ан. Бил урнат Германскиот клуб, кафеаната Египет, како и неколку други локали.
Во битка со војската и полицијата се убиени или сами си пресудија шестмина од Гемиџиите: Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Уапсени се Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие прво се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Либија).
Во немирите кои избувнале на 30 април како реакција на атентатите, фанатизирани муслимани оделе во толпи низ градот и убивале недолжно христијанско население. Проценките за бројот на загинати варираат од 35 лица, според османлиските власти, до 200 – 300 според ТМОРО. Властите успеале донекаде да ги смират толпите, но речиси без причина почнале да малтретираат и да апсат по сопствени произволни проценки.
Во рацијата на османлиските власти биле затворени околу 2.000 лица и некои членови на ЦК на ТМОРО на чело со неговиот претседател Иван Гарванов, а биле запленети и доста документи. Покрај членови на ЦК биле затворени и поголем број членови на ТМОРО, со што таа претрпела силен удар. Од уапсените 2.000 лица, 353 лица се изведени пред суд, а од нив 33 се осудени.
(Подготвил: Д.Г.)