Една недела по капитулацијата на фашистичка Германија, на 15 мај 1945 година, поранешна СФРЈ дефинитивно се ослободила од окупаторот, а за тие 6-7 дена загинале голем број Македонци во завршните операции на Сремскиот фронт.

Како што е познато, 9 мај се смета за Ден на победата над фашизмот или по ново Ден на Европа, а во некои европски држави како официјален датум за крај на Втората светска војна се смета 8 мај 1945 г. кога капитулирала Германија. Со капитулацијата на Германија германските сили се предале, со што завршила Втората светска војна во Европа.

Но, воените операции во поранешна Југославија продолжиле уште една недела, кога загинале и биле ранети голем број Македонци, на Сремскиот фронт, каде што се бореле 25.000 македонски партизани.

Сремскиот фронт настанува кон крајот на 1944 година од германската војска која се повлекувала од реонот на Белград и имал стратегиско значење, бидејќи на тој потег се штител единствениот пат за извлекување на делови од германската армија.

Вардарскиот дел од Македонија, односно територијата на денешна Република Македонија бил ослободен уште во 1944 година, а македонската војска наместо кон Солун била префрлена на Сремскиот фронт. Во јануари 1945 година 15. Корпус бил префрлен во Земун, каде формациски влегол во составот на Првата армија. Корпусот на 21 јануари имал 15.400 борци и старешини. Во март 1945 година на корпусот му се придодадени уште две бригади, Прва и Втора македонска артилериска бригада.

Петнаесеттиот македонски корпус бил создаден во декември 1944 година, во близината на Скопје, а потоа заминал  во Срем, бидејќи бил придодаден на Првата армија, која добила задача да го пробие Сремскиот фронт.

Македонскиот корпус имал голема улога во ослободувањето на Посавина, каде што водел тешки борби со далеку подобро воооружената германска војска, која имала големи утврдувања на фронтот. На неколку места, корпусот имал големи човечки загуби: На 15 април 1945 година, во Будровац, во близината на Ѓаково, загинале 210 македонски партизани, а потоа во борбата кај Врполе корпусот имал уште поголеми загуби, каде загинале 1.000 македонски војници.

Големите жртви се должат на фактот што војниците на корпусот биле опремени само со лесно пешадиско вооружување.

Од вкупно 25.000 борци и старешини, на Сремскиот фронт загинале најмалку 1.674 борци, ранети биле 3.400, а за исчезнати се сметале 378 борци и старешини.