Пред 118 години, на 22 јуни 1904 година на врвот Лингура, кај светиниколското село Долно Ѓуѓанце, во борба со турскиот аскер загинал војводата Славејко Арсов, а тешко бил ранет војводата Атанас Бабата, кој  една година по овој настан последната бомба во борба во Кратовско ја употребил за себе. На овој ден, пак, пред 21 година македонските безбедносни сили ја почнаа решавачката офанзива за чистење на теренот од албанските терористи во скопското село Арачиново.

Здружените чети на Славејко Арсов и на Атанас Бабата воделе тешка битка во која загинале повеќе македонски борци, а турската војска имала 60 загинати и многу ранети.

Војводата Арсов е роден во штипско Ново Село на 17 август 1878 година. Се школувал во Штип, Скопје (1895) и Софија (1897/98). Во 1899 стапил во редовите на ТМОРО, во 1900 година бил затворен во Кичево, а потоа пренесен во затворот во Битола. По 14 месеци со откуп успеал да излезе од затворот.

Во првите години тој бил обичен борец во четата на војводата Марко Лерински, а потоа бил избран за околиски војвода во Битолско, па во Ресенската околија. Учествувал на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во борбите што се воделе во Ресенско.

Кога востанието било задушено, тој отишол на лекување во Бугарија, но набрзо се вратил во Македонија заедно со своја чета. Идејќи за Ресен, во 1904 година, близу до селото Ѓуѓанце, биле опколени од турски аскер. Шест часа воделе тешка борба. Тој бил тешко ранет и за да не падне жив во рацете на турскиот аскер се самоубил.

Пушките ги искршија, чуваа само по една бомба

Атанас Бабата е роден во селото Синитево, близу до градот Пазарџик. Рано останал сирак и почнал шивачки занает. Работел како калфа во Пазарџик, а подоцна и во Софија. Неговите врсници го нарекувале Бабата заради неговото крупно тело. Во 1897 година станал член на ВМОРО.

Атанас Бабата, заедно со Марко Лерински, Христо Чернопеев и Михаил Апостолов – Попето, е еден од првите кои Гоце Делчев ги испратил како воени инструктори во Македонија.

Во 1897 година Атанас Бабата се вклучил во четата на Антон Бозуков и заедно со четите на Гоце Делчев и Кочо Муструкот ги обиколувале Драмско и Серско, за да го организираат населението и да собираат средства за ВМОРО.

Во почетокот на 1901 година Атанас Бабата станал помошник војвода во четата на Петар Јуруков, која дејствувала во Тиквешко, а подоцна истата година бил назначен за самостоен војвода.

Тој учествувал во познатата афера Мис Стон заедно со Христо Чернопеев, Јане Сандански, Сава Михајлов, Крсто Асенов и Андон Ќосето, која предизвикала голема популарност на македонската борбата пред европската јавност.

За време на Илинденското востание четата на Атанас Бабата дејствувала во Кратовско, каде водел неколку тешки борби со многуилјадна турска војска.

На 25 јуни 1905 година меѓу селата Куклица и Пендак четата на Атанас Бабата доживеала турска потера. Тогаш војводата ја изнесол четата од 21 души на врвот Видин и зазел одбранбена позиција. Врвот бил опсаден од неколку илјадна турска војска и башибозук, а борбата траела од 10 часот изутрината, но и покрај нерамноправноста на силите, комитите ги одбиле сите напади.

Од Куманово пристигнала и кавалерија од два ескадрона, но и таа не успеала да ги заземе позициите на македонските борци. Подоцна од Куманово дошла и планинска артилерија, која започнала да стрела кон врвот и позицијата на четата станала критична. Аскерот ги обновил нападите, но комитите ги одбивале.

Најкритичниот момент настанал кога привршиле патроните. Тогаш четниците ги искршиле своите пушки, ја уништиле архивата и ја зачувувале последната бомба за себе. Нерамната борба завршила со херојска саможртва, слична на борбата на Ножот. За да не паднат живи во рацете на Турците четниците самите се убиле. Последен ја активира својата бомба војводата Атанас Бабата.

Други настани од македонската историја на денешен ден:

На 22 јуни во 2001 година македонските безбедносни сили ја почнале решавачката офанзива за чистење на теренот од албанските терористи во скопското село Арачиново.

Откако Арачиново е заземено, под притисок на меѓународната заедница доаѓа наредба за повлекување на македонските сили. Подоцна, како што е познато, албанските терористи и странските инструктори од Арачиново беа извлечени со автобуси и однесени на непозната локација. Оваа операција беше спроведена под надзор, исто така, на меѓународната заедница.

На 22 јуни 1913 година во Санкт Петербург излегол првиот број на списанието „Македонски голос“ (Македонски глас), орган на приврзаниците на независна Македонија. Списанието излегувало на руски јазик. Само песната „Крали Марко“ во бр. 9/1914 година била на македонски јазик, мијачки дијалект. Издавач на списанието бил Димитрија Чуповски. Списанието престанало да излегува на 3 декември 1914 година, заклучно со бројот единаесет.

На денешен ден во 168 п.н.е. почнала Четврта македонско-римска војна. Во битката кај Пидна, Римската Република ја поразила војската на македонскиот крал Персеј од антигонидската династија.

Четвртата македонско – римска војна се одвибала во периодот од 150 п.н.е. до 148 п.н.е. Тоа било војна помеѓу Македонија и Римската Република. Причина за војната бил обидот на Андриск да го заземе македонскиот трон, сметајќи се себе си како син на Персеј, последниот македонски крал.

Андриск бил поразен во битката кај Пидна во 148 п.н.е. По две години Македонија станала римска покраина.

(Подготвил: Д.Г.)