Неколку настани се запишани во македонската понова историја, што се случиле на денешен ден, меѓу кои е загинувањето на двајца македонски патриоти од Егејска Македонија, прогонувани поради нивната борба за слобода на Македонците во Грција.
Во 1947 година Вангел Мангов за да не падне жив во рацете на грчката војска скокнал од карпа во реката Бистрица, а следната 1948 година мистериозно е убиен Ристо Дончев.
Борец за Македонија до смртта во Бистрица
На 26 март 1947 година, за да не падне жив во рацете на грчките владини војници, од височината на една карпа се фрлил во реката Бистрица Вангел Мангов.
Тој е во редот на видните македонски револуционери во Костурска околија кој целиот свој живот го посветил за слободата на македонскиот народ. Роден е во селото Жупаништа, во 1912 година.
Основно образование завршил во 1926 година, а потоа учи во Костурската и Цотилската гимназија. Во периодот по Првата светска војна, кога во Егејскиот дел на Македонија не постои организација на македонскиот народ која ќе се спротивстави на грчките шовинисти, Вангел Мангов како средношколец пристапува кон комунистичката младинска организација и поради неговите револуционерни идеи, тој бил избркан од средното училиште.
Тешката економска криза во која запаѓа Грција во 1926 година, како и погромите на грчките шовинисти кои го зголемија теророт врз македонскиот народ само за да се иселат Македонците од Егејскиот дел на Македонија, доведува до ширење на влијанието на Комунистичката партија на Грција (КПГ) меѓу прогресивните Македонци. По падот на диктаторскиот режим на владата на генаралот Пангалос во август 1926 година, на парламентарните избори во ноември истата година, КПГ добиваат 10 мандати од 16 што ги добиваат левичарските партии. По Светската економска криза во 1929 година, КПГ уште повеќе го зголемува своето влијание меѓу македонскиот народ, со чија помош во 1933 изборува 10 места во грчкиот парламент.
Во 1932 и 1936 година, Вангел Мангов учествува во предизборната кампања на КПГ, која е единствена партија која во овој период го заштитува правото на етничките Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Со целосна посветеност кон идеологија и политиката на ГКП, која во 1934 година потпишува декларација со која се поддржува создавање на независна република Македонија и го помага формирањето на ВМРО (Об.),
Вангел агитира меѓу своите сонародници за поддршка на ваквата политика. Но, по воведувањето на Метаксасовата диктатура во август 1936 година веднаш започнаа апсења на комунистите, демократските ориентирани политичари и Македонците. Власта со крајна бруталност ги прогонуваше Македонците, кои ги третираше како граѓани од втор ред. Меѓу прогонетите се наоѓа и Вангел Мангов, кој бил уапсен и осуден на четири месеци затвор.
Во 1938 година Грција донесува посебен закон со кој најстрого се забранува употребата на македонскиот јазик. Од донесувањето на Законот па се` до избувнувањето на Грчко-италијанската војна (октомври 1940 г.), воглавно заради зборување на мајчин македонски јазик, голем број Македонци биле интернирани или затворени како сомнителни. Во 1939 година, Вангел бил повторно уапсен, брутално измачуван и осуден на 9 месеци затвор.
По ослободувањето од затвор, Вангел Мангов се вклучува во борбата против италијанските фашисти. Тој е свесен дека фашистичкото ропство ќе биде уште поцрно, доколку Италија ја прегази Грција, па иако е незадоволен од Метаксасовата диктатура, која изврши економско ограбување и национално потиснување на македонскиот народ, како и најголем број Македонци, се одзива на мобилизацијата. Вангел учествува во Грчко-италијанската војна, во која во првите редови на фронтот кај Морава, Подградец, Иван Планина и Клисура се наоѓаа околу 80.000 војници од Егејскиот дел на Македонија.
По нападот на Германија во 1941 година и фашистичката окупација на Грција, Вангел активно се вклучува во подготовките за национално-ослободителната борба. Тој работи на собирање на оружје, како и на организирање и вклучување на населението во Националниот ослободителен фронт (гр. ЕАМ). Во 1942 година, Вангел е уапсен од страна на окупаторските сили и осуден на 11 месеци затвор. Исто така, со него била уапсена и затворена неговата партиска соработничка чие бебе умира како резултат на тешките затворски услови.
Откако бил ослободен од затвор, Вангел работи во револуционерното движење како партиски лидер и политички комесар во единицата на ЕЛАС. Тој бил добар и страстен оратор кој се спротивставува на фашистичката пропаганда на бугарските окупациски сили и активно работел на развивање и ширење на заедничка борба на македонскиот и грчкиот народ против фашистички непријател под раководство на КПГ.
Под раководство на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС во 1943 година, антифашистиката борба ја зафаќа целата територија на Грција, а кон крајот на истата година партизанските единици се реорганизираат во воени формации (батаљони, полкови, дивизии). Македонскиот народ од Егејскиот дел на Македонија, масовно се вклучува во ослободителното движење и успева да создаде свои партизански единици. Во Костурско, каде до израз доаѓа политичката активност на Васил, македонското население масовно се крева и во повеќе македонски села се формираат партизански одреди кои вршат притисок врз КПГ и ЕАМ да бидат вклучени во ЕЛАС.
Како резултат на заедничката борба со грчкиот народ, во многу македонски села беа отворени првите македонски училишта, беа формирани театарски групи, а народот се чувствувал слободно. Меѓутоа, по формирањето на владата за национално единство на Грција, како и по договорот во Либан и Казерта во 1944 година, со кое народно-ослободителното движење на Грција се предаде во рецете на грчката десница и англиската воена команда на Исток, повторно настанаа црни денови за македонскиот народ. Владата на национално единство на Грција презеде повеќе мерки да го исклучи влијанието на Македонците како еден од условите за целосно владеење во Егејскиот дел на Македонија.
По расформирањето на организациите на СНОФ и големиот притисокот врз Македонците во единиците на ЕЛАС, една група Македонци ги напуштија единиците на ЕЛАС и во знак на протест кон политиката на КПГ се соединија со единиците на НОВ и ПОМ. Во јуни 1944 година беа формирани Воденскиот батаљон, Костурскиот батаљон, Леринскиот батаљон и батаљонот за тешко оружје, од кои на 18 ноември 1944 година беше формирана Првата Егејска бригада во Битола со околу 2.500 борци. На чело на Костурскиот батаљон беше командантот Сотир Андоновски и комесарот Вангел Мангов.
По расформирањето на Егејската бригада, голем дел од борците се вратија во Егејскиот дел на Македонија, каде активно се вклучија во ДАГ и Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 година. По враќањето Вангел Мангов продолжува со својата активност и станува комесар на партизанска единица, а потоа работи како политички комесар во Костурско. Новата фашистичка власт во Грција го прогонува и нуди парична награда од 25 милиони драхми за главата на Мангов, но тој долго време бил недофатлив.
Мангов развива импресивна воено-политичка активност. За да ги заврши навреме своите активности, тој ги преминува и непријателските линии. Но, на 26 март 1947 година, додека се приближувал кон манастирот во Сливени бил предаден и уапсен од владините сили кои веќе биле во манастирот. Мангов без да чека многу, се фрлил од карпа во реката Бистрица, но не успеал да отплива далеку кога бил смртно погоден од куршум. Наредниот ден, телото на Вангел Мангов било откриено на брегот од реката од страна на селаните на Сливени. Полицијата му ја отсекла главата и во кутија ја испратиле во Костурско.
Вангел Мангов го посветува својот живот за слободата на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија.
Неразјаснето убиство на Ристо Дончев
Една година подоцна, на 26 март 1948 година во селото Сетина, мистериозно, од непознато лице, бил стрелан Ристо Дончев, македонски револуционер кој ја ширел националната свест сред македонските партизани во ДАГ и македонското население. Роден е во селото Јаворјани, Воденско, во 1921 година.
Дончев потекнува од сиромашно земјоделско семејство со револуционерни корени. Во 1934 се вработува во фабриката за јажиња Цицова фабрика. Тука тој се вклучува во синдикалното движење на текстилните работници и се бори за правата на работниците.
Фашистичката окупација го затекнала како работник во текстилната фабрика Екстија од каде набрзо се зачленува во воденската младинска организација ОКНЕ. Ристо активно учествувал во сите манифестации, штрајкови, митинзи итн. Така тој во 1941 година станува член на КПГ а во 1942 година и член на МАО (Македонската ослободителна организација).
Тој неуморно работи за проширување и омасовување на МАО во Воден, поготово во фабриките. Во 1943 година Ристо е избран во раководството на Сеработничкиот центар во Воден. Учествува на неколку состаноци на МАО во Воден за кои не знае раководството на КПГ. На состаноците се разговара за македонското прашање и неговото позитивно решавање пред КПГ.
Летото 1944 година со формирањето на Воденскиот македонски батаљон на Кајмакчалан, Дончев е главен агитатор меѓу македонското население да се придружува и да учествува во ослободителната војна. За кратко време од основањето на баталјоното Дончев станува командир на на вод во батаљонот.
Во 1944 година откако батаљонот се отцепува од КПГ, Дончев заедно со баталјонот се префла во Вардарскиот дел на Македонија и учествува во борбата во овој дел на Македонија. Во ноември истата година со формирањето на Првата егејска ударна бригада Ристо Дончев учествува во сите акции на бригадата против балистите Џемо и Мефаил во околината на Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и.т.н.
По расформирањето на бригадата во 1945 година Ристо како офицер на ЈНА работи во пограничните сектори а на почетокот на 1947 година доброволно стапува во НОФ на Егејскиот дел на Македонија и учествува во борбите. Со самото доаѓање во Егејот тој е поставен за секретар на Градскиот одбор на НОФ за град Воден. Кон средината на 1947 година тој како командир на партизански одред на ДАГ дејствувал во Западен Кајмакчалан на секторот Баница – Сетина.
Тој постојано ја ширел македонската мисла и македонската национална свест помеѓу македонските партизани. Тоа воопшто не им се допаѓало на некои раководители на ДАГ. Така на 26 март 1948 година Ристо мистериозно загинал. Бил стрелан од непознато лице додека додека неговиот одред на сред село Сетина се веселел и играл македонско оро, на самото чело, ороводец бил Ристо. Раководството на ДАГ од тој терен остана индиферентвно во врска со неговата смрт.
Други настани на денешен ден:
На денешен ден во 1901 Во Галичник е роден Лазар Личеноски, истакнат македонски сликар.
Тој е еден од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж („Бачила“, „Долап“, „Афионски полиња“, „Охридски рибари“) во кои внесол и фолклорни елементи.
Сликал и мртва природа, портрети и мозаици. Умрел во Скопје, на 10 април 1964 година.
На 26 март 1998 година, кинескиот поет Лу Јуан бил прогласен за добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 1998 година.
На денешен ден во 2018 година, по тешко боледување на 67-годишна возраст во Кочани почина рокерот и гитарист Симеон Иванов – Канго. Повеќе од 50 години се занимаваше со музика и уметност како поет-сликар, а беше основач и на културното движење Мактеон, кое ја промовираше македонската нација, култура и јазик.
Во својата музичка и поетска кариера Канго издаде седум музички албуми и четири стихозбирки. Беше препознатлив по својот немирен творечки дух и необичен стил, поради што го нарекуваа македонски Џими Хендрикс.
(Подготвил: Д. Г.)