31 октомври 2018

– Меѓународен ден на штедењето.

1517.- Водачот на германските реформи Мартин Лутер на вратата на римоктоличката катедрала во Витенберг истакнал 95 тези за реформи на црквата, со што во германските земји започнала протестантската верска реформа и широкото народно движење против папските власти.

1517.- Умрел италијанскиот сликар Фра Бартоломео, еден од последните фирентински ренесансни мајстори. Најмногу сликал религиозни теми, при што посебно го интересирале проблемите со композиција.

1795.- Роден е англискиот писател Џон Китс, еден од најголемите поети во англиската литература. Дела: „Ендимион“, „Ода на славејот“, „Ода на грчката урна“, „Ода за есен“, „Писма“.

1832.- Роден е холандскиот сликар Јан фан Делфт Вермер, кој се смета за еден од наголемите уметници во историјата на сликарството иако изработил само околу 40 слики. Дела: „Жена со писмо“, „Девојка со ѓердан“, „Во атеље“, „Млекарка“, „Час по музика“, „Девојка со турбан“, „Поглед на Делфт“, „Улица во Делфт“.

1851.- Умрел црногорскиот писател Петар II Петровиќ Његош, владетел на Црна Гора и владика во Српската православна црква. Најпознато негово дело е „Горски венец“.

1887.- Роден е кинескиот генералисимус Чанг Кај Шек, кој со помош на Запад, посебно од САД, 47 години диктаторски владеел најпрво со Кина, потоа и со Тајван во кој по поразот од комунистите пребегнал заедно со неговите истомисленици. И покрај огромната материјална помош од САД, неговиот режим крахирал во обидот да ја згасне револуцијата која ја предводел лидерот на комунистите Мао Це Тунг. Во февруари во 1950 година со остатокот од трупите преминал на островот Формоза, сегашен Тајван, каде ја воспоставил таканаречената Република Кина, со која владеел се до смртта во 1975 година.

1918.- Во селото Болно, Ресенско, е роден Димитар Богоевски – Мите, народен херој на Македонија, револуционер и поет. Потекнувал од земјоделско и печалбарско семејство. Основно образование завршил во родното место, Граѓанска школа во Ресен, а се школуваше и во Трговската академија во Битола. Се занимавал со пишување револуционерни песни. Поради својата револуционерна активност во 1940 година бил уапсен од српската полиција и затворен во Белград. Поради недостиг на докази бил пуштен. Во 1942 година, бил уапсен од бугарска полиција во Ресен. По суровото мачење бил ослободен. Во 1942 година учествувал во формирањето на НО партизански одред „Даме Груев“. Во месноста Долец, Ресенско, во нерамноправна борба против бугарската окупаторска војска и полиција, не сакајќи жив да падне во рацете на окупаторот, се самоубил (заедно со неговиот другар, народниот херој Стефан Наумов – Стив) на 12 септември 1942 година.

1922.- Роден е камбоџанскиот крал Нород Сиханук, кој на престолот застанал во 1941, а во 1954 година ја прогласил независноста на Камбоџа од Франција. По низата бурни политички промени, во 1993 година повторно станал крал на Камбоџа, но во корист на еден од неговиоте синови абдицирал во 2004 година.

1924.- Во Милано, Италија бил одржан Првиот меѓународен конгрес на штедилниците. Тој ден е прогласен за Светски ден на штедењето.

1925.- Реза Шах го презел престолот во Иран и ја основал династијата Пахлави, која владеела со земјата до исмамската револуција во 1979 година.

1926.- Умрел американскиот магионичар по потекло унгарски Евреин – Хари Худин, најпознат магионичар во 20. век. Роден бил како Ерих Вајс, а името го променил во чест на францускиот магионичар Жан Ежен Робер Худин.

1952.- САД на пацифичките Маршалски Острови ја извеле првата проба на хидрогенска бомба.

1961.- Телото на советскиот диктатор Јосиф Сталин било тргнато од мавзолејот на Црвениот плоштад и било погребано во ѕидините на Кремљ.

1980.- Во Белград умрел (погребан е во Скопје) Бане Андреев – Ронката, носител на „Партизанска споменица 1941“, учесник во напредното младинско движење, револуционер и до 1949 година, партиски и државен раководител. Роден бил во Велес, на 12 август 1905 година.

1984.- Индискиот премиер Индира Ганди пред резиденцијата во Њу Делхи била убиена од Сики-екстремисти, припадници на личната гарда. Студирала во Швајцарија и на Оксфорд, но главните политички и животни искуства ги стекнала од нејзиниот татко, првиот премиер на Индија и еден од основачите на Движењето на неврзаните Џавахарл Нехру. Во Владата влегла по смртта на нејзиниот татко во 1964 година како министер за информации. На функцијата премиер со прекин од три години била од 1966 до крајот на животот.

1991.- На првите повеќепартиски избори во Замбија победил водачот во борбата за независност и прв претседател Кенет Каунда

1992.- Во Скопје, во организација на Пионерскиот дом „Карпош“ од Скопје, почнал Првиот детски фолк-фестивал „Плетенка“.

1993.- Умрел италијанскиот филмски режисер и сценарист Федерико Фелини, еден од најголемите синеисти на 20. век. Фимови: „Улица“ (Оскар), „Пробисвет“, „Сладок живот“ (прва награда во Кан), „Осум и пол“ (Оскар), „Џулиета и духовите“ (Златен глобус“, „Кловнови“, „Амаркорд“, „Казанова“, „Градот на жените“, „Бродот плови“, „Џенифер и Фред“, и др.

1994.- Лидерот на босанските Срби, Радован Караџиќ, објавил „воена состојба“ во Босна, наредувајќи сите резервисти да се јават кај своите команданти, за да се подготват за контра-офанзива во северозападниот дел на земјата.

1995.- Република Македонија била вклучена во програмата ФАРЕ.

1996.- Во Париз умрел Марсел Карне, еден од најистакнатите претставници на француската кинематографија. Во својата богата кариера реализирал вкупно 22 филмски дела. Роден бил во Париз, во 1909 година.

1999.- Во Република Македонија се одржале третите претседателски избори. По прегласувањето во вториот круг, на 5 декември 1999 година, за претседател на Република Македонија бил избран Борис Трајковски, втор претседател, по Киро Глигоров, по осамостојувањето на Република Македонија.

2001.- Умрела најдобрата француска скијачка Регина Кавањо, победничка на осум трки во Светскиот куп, два дена по падот на скијачка патека во Австрија.

2006.- Умрел Питер Бота, јужноафрикански претседател од времето на апартхејдот. Бота бил сменет во 1989 година, а новиот претседател Де Клерк ги отфрлил законите на кои се засновал апартхејдот. Комисијата за вистина и помирување во конечниот извештај во 2003 година констатирала дека Бота бил одговорен за голем број прогони и убиства извршени во последните 10 години од неговото владеење. Се сметало дека за време на неговиот претседателски мандат во Јужна Африка се убиени повеќе од 2.000 луѓе и дека околу 25.000 луѓе биле затворани без судење, со честа полициска тортура.

2011.- Палестинците добиле статус на полноправен член на УНЕСКО. Одлуката за доделување полноправно членство била донесена на 36-та сесија на Генералното собрание на УНЕСКО. САД, Канада и Германија гласале „против“ палестинското членство. Бразил, Русија, Кина, Индија, Јужна Африка и Франција го поддржале. Велика Британија била воздржана.

2015.- На 78-годишна возраст починал академик Томе Бошевски. Академик Бошевски е роден на 8 октомври 1937 година во Битола, каде завршил гимназија. Дипломирал на отсекот за техничка физика на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1961 година. Постдипломските студии ги завршил во 1965 година на Природно-математичкиот факултет во Белград, а докторската дисертација ја одбранил на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1972 година. Од дипломирањето до 1974 година работел во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча. Во 1974 година е избран за вонреден, а во 1979 година за редовен професор на Електро-техничкиот факултет во Скопје, а три мандати бил и декан на Факултетот. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран во 1988 година, а за редовен член во 1994 година.