5 март 2019

1133.- Роден е англискиот крал Хенри Втори Плантагенет, основач на династијата Плантагенет, кој во текот на владеењето од 1154 до смртта во 1189 година со реформата во судството значително ја зајакна кралската власт.

1534.- Умре италијанскиот сликар Антонио Алегри да Кореѓо, кој обработуваше религиозни и митолошки теми. Најзначајни дела: Фреската и црквата „Свети Јован“ во Парма, сликата „Мистичното венчавање на Света Катерина“, „Јупитер и Антиопа“, „Богородица со Свети Ѓорѓи“.

1696.- Роден е италијанскиот сликар Ѓовани Батиста Тиеполо, последниот голем венецијански мајстор, еден од најголемите декоративни уметници на 18. век. Неговите главни трудови, фрески со големи димензии работени во манирот на рококо се во надбискуспката палата во Удине, во палатата Лаби во Венеција, бискупската резиденција во Вирцбург и во кралската палата во Мадрид.

1770.- Британските трупи во Бостон убија пет демонстранти. Овој случај познат под името „бостонски масакр“ ја забрза американската војна за независност.

1827.- Умре Алаксандар Волта, италијански научник-физичар. Занимавајќи се со електрицитетот, ги пронајде електрофонот, галванските елементи, батеријата на галванските елементи и други. Роден е во 1745 година.

1827.- Во Париз умре Пјер Симон Лаплас, француски математичар, физичар и астроном. Меѓу главните Лапласови дела се вбројуваат „Небесна механика“ и „Преглед на историјата на астрономијата“. Роден е во Бомонан Ож, на 28 март 1749 година.

1856.- Лондонскиот театар „Ковент Гарден“ целосно е уништен во пожар.

1871.- Родена е Роза Луксембург, една од организаторите на полското и на германското работничко движење. Во Берлин, во екот на теророт на КП на Германија, по ѕверското мачење, беше убиена на 15 јануари 1919 година.

1910.- Роден е Момофуку Андоу, јапонскиот „крал на резанките“, пронаоѓач на „инстант резанките“, наменети за исхрана на астронаутите во вселената. Андо е роден во 1910 година на Тајван. Со производство на тестенини почна во Тајпеи, а подоцна продолжи во Осака. Во 1948 година ја основа фабриката „Нишин фуд“, првата фабрика која во 1958 година ги произведе резанките во вреќички, а потоа и други слични производи кои со време го освоија целиот свет.

1916.- Загинаа 455 патници и членови на екипажот од вкупно 588 колку што беа на шпанскиот патнички брод „Принц од Астурија“ во моментот кога бродот удри во карпа близу бразилскиот брег и потона за само неколку минути.

1923.- Во селото Големо Илино, Кичевско, е роден Ристо Лозановски, македонски академски сликар. Неговиот опус изнесува околу 150 слики во маслена техника, повеќе цртежи и графики. Умре во Белград, на 13 мај 1965 година.

1933.- Националсоцијалистичката работничка партија на Германија на Адолф Хитлер го освои мнозинството во Рајхстагот (собранието).

1845.- Американски трупи влегоа во Келн во Втората светска војна.

1947.- Во Рим умре Алфредо Казела, италијански композитор, диригент, пијанист и музички писател. Роден е во Торино, на 25 јули 1883 година.

1953.- Во Македонија е организирана првата акција за доброволно дарување на крв.

1953.- Во Москва умре Јосиф Висарјонович Сталин, советски државник и политичар, еден од водачите на антихитлеровската коалиција за време на Втората светска војна и врховен командант на вооружените сили на СССР, маршал и генералисимус. По Втората светска војна спрема социјалистичките земји спроведуваше хегемонистичка политика. Неговите злосторства беа осудени на 20-от и 21-от конгрес на КПСС. Роден е во Гори, Грузија, на 21 декември 1879 година.

1953.- Во Москва умре Сергеј Сергеевич Прокофјев, руски композитор, диригент и пијанист. Ги компонира оперите „Заљубен во три портокали“, „Коцкар“, „Војна и мир“ и други. Во 1934 година го создаде балетското ремек-дело „Ромео и Јулија“, кое на балетската сцена во Македонскиот народен театар првпат е прикажано во 1962 година. Неговото музичко дело е мошне богато и разновидно. Роден е во Сонцовка на 24 април 1891 година.

1960.- Претседателот Ахмед Сукарно го распушти индонезиското Собрание.

1964.- Во Битола умре Милтон Манаки, прв македонски и балкански филмски снимател. Првите снимки ги направи во 1905 година. Главни негови трудови се: репортажа за престојот на последниот османлиски султан Решад во Битола во 1911 година, сцени од бесењето на македонските борци за независност на Македонија и епизоди од балканските војни, како и многу други снимки од историска важност. Носител е на “Илинденска споменица 1903”, на многубројни награди, како и на наградата за животно дело во Пула во 1963 година. Роден е во селото Авдела, Костурско, во 1880 година.

1966.- Британски патнички авион удри во јапонската планина Фуџи при што сите 124 патници и членови на екипажот загинаа.

1970.- Стапи на сила договорот за неширење на нуклеарното оружје кој го потпишаа 45 држави.

1984.- Умре италијанскиот пејач Тито Гоби, познат светски оперски баритон. Во оперите студиозно и префинето ги креираше водечките улоги, вклучувајќи ја и прочуената улога во „Тоска“ на Ѓакомо Пучини во која негов партнер беше Марија Калас.

1992.- Домот на младите “25 Мај” во Скопје го промени името во Младински културен центар.

1993.- Авионот од типот “Фокер 100” на авиокомпанијата “Палер Македонија”, веднаш по полетувањето од аеродромот во Петровец кај Скопје, се урна на 400-тини метри од крајот на пистата. Од 91 патник и членови на екипажот загинаа 80-ина.

1996.- Претседателот на САД Бил Клинтон во Израел испрати врвна опрема за откривање подметнати бомби и група технички ескперти како помош во борбата против арапските исламски терористи.

1998.- Во терористичките напади на тамилските бунтовници, кои во главниот град на Шри Ланка активираа минибус полн со експлозив, загинаа 37 луѓе.

2000.- Израел одлучи да ги повлече трупите од југот на Либан до јули, дури и во случај до тогаш да не биде постигнат мировен договор со Сирија.

2001.- Во текот на ритуалот каменување на ѓаволот, во стампедо на муслимански верници загинаа најмалку 35 луѓе на мостот Џамарат во близина на Мека.

2003.- Во самоубистивениот напад на автобус на палестинските исламски терористи во северноизраелското пристаниште Хаифа загинаа 15 луѓе, повеќето студенти.

2007.- Умре Анри Троа, еден од најпопуларните француски писатели на 20. век. Автор е на близу 100 дела. Троа надвор од Франција е најпознатиот по биографиите на француските и руските литературни и историски фигури, како што се Толстој, Пушкин, Флобер, Зола, Катерина Велика и Иван Грозни. Роден е како Лев Тарасов на 11 ноември 1911 година во Москва во имотно семејство. Наградата „Гонкур“ ја доби за својата трета книга „Пајак“. Неговите книги се преведени на десеттина јазици, а во една анкета од 1994 година тој е прогласен за најпопуларен француски писател.

2007.- Најмалку 11 бунтовници на левицата и седум војници се убиени во борбите на југот на Колумбија. Владините сили запленија цел арсенал оружје во борбите со припадниците на марксистичката група „Револуционерни оружени сили на Колумбија“.

2013.- Претседателот на Венецуела Уго Чавез почина во Каракас, на 58-годишна возраст, по двегодишна, неуспешна битка со ракот. На власт беше 14 години, од 1999 година, кога за прв пат беше избран и поставен за претседател. Потоа уште на два пати беше биран за претседател, во 2001 и 2007 година. По четврти пат беше реизбран минатата година, иако тешко болен. Во својата земја и во светот, ќе остане запаметен како контроверзен политички лидер, кој својот полковнички чин го замени за политиката, претворајќи се во силен претставник на латиноамериканската левица и популист. Чавез е роден на 28 јули 1954 година, како седмо дете во семејството.