НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во 1993-та е прогласен Денот на македонската полиција во чест на 7 мај 1903-та и Смилевскиот конгрес на ТМОРО

/ 07.05.2024

Со одлука на Владата на Република Македонија од 20 април 1993 година, 7 Мај е востановен како Ден на македонската полиција, наместо дотогашниот 13 мај.

Овој датум е избран за Ден на македонската полиција од Владата на тогашниот премиер Никола Кљусев, во чест денот од 1903 година кога на Смилевскиот конгрес на ТМОРО била извршена реорганизација на власта и безбедноста.

Смилевскиот конгрес се одржал од 2 до 7 мај 1903 година, а најголемиот број од делегатите веќе на 30 април се собрале во демирхисарското село Смилево. Жителите на родното Смилево на Даме Груев ја сфатиле честа како и одговорноста од престојот на такво мноштво на револуционерни првенци во нивното село.

Затоа месното раководно тело, на чело претседателот Георги Чуранов, го мобилизирал целото село и на сите мажи и жени им доверил соодветни задачи.

Дел од месната вооружена сила, деноноќно ја вардела целата околина, а стотина души вооружени смилевци биле на нозе внатре во селото.

Одделенија од по три-четири комити биле поставени по сите соседни села на Смилево. Невидливи стражари од сите села меѓу Смилево и Битола деноноќно внимавале, формирајќи жив телеграф за предавање на било какво сомнително движење откај вилаетскиот центар.

Токму затоа е избран 7 мај како Ден на македонската полиција, во чест на настанот од 1903 година и зачетокот на организирана безбедност на населението и делегатите на Конгресот.

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија