Во 1943 година на планината Буковиќ во Кичевско, околу 4.000 балисти, заедно со германски офицери и војници, извршија напад врз слободната територија во западна Македонија, при што комесарот Мирко Милески за да не падне жив во рацете на непријателот последната бомба ја употребил за себе.
Според историските сведоштва, балистите предводени од германски офицери и војници, тука воделе седумчасовна битка со далеку помалубројната Младинска партизанска чета од 39 борци, предводени од командирот Лазар Лазарески и комесарот Мирко Милески – Урош.
Во борбата загинале речиси сите борци на четата заедно со командирот Лазарески и комесарот Милески.
Мирко Ладомиров Милески – Урош е роден на 23 април 1923 година во кичевското село Попоец во земјоделско семејство.
Основно училиште завршил во селото Извор, каде неговите учители ги наговориле татко му Ладомир и мајка му Тодора, Мирко како одличен ученик да го продолжи школувањето во гимназијата во Охрид. Тој бил одличен и таму, а тоа му овозможило да добие стипендија за продолжување на школувањето во класичната гимназија во Белград, каде што ги изучувал францускиот и италијанскиот јазик.
По априлскиот напад на Македонија во 1941 година, Мирко го напуштил Белград и се вратил во својот роден крај кој веќе бил окупиран од Италија, а цивилната власт им била предадена на албанските квислинзи.
Милески како добар познавач на италијанскиот јазик станал преведувач во Карабинерската станица во селото Извор. Но, тој ја продолжил својата активност и работа во НОД.
Италијанците почнале да се сомневаат, но тој не дозволил да биде фатен, туку веднаш се повлекол во илегала, работејќи низ Копачијата.
Во 1942 година учествувал во подготовките на неколкудневниот штрајк на патарските работници, кој бил прв штрајк во услови на окупација, а со цел да се провери подготвеноста на народот за борба.
Во пролетта 1943 година, Мирко влегол во Првиот кичевски партизански одред Козјак, а потоа и во првите редови на Кичевско-мавровскиот одред. Со одредот учествувал во нападот на карабинерската станица во селото Сливово, нападот на возот на Пресека и други вооружени акции.
Бил храбар и самоиницијативен. Со неколку свои соборци ги нападнал непријателските магацини за жито во селото Арбиново, а во летото 1943 година, со уште еден свој другар, се спуштиле со вагонетка од Пресека во селото Извор каде ја нападнале албанската квислиншка општина, ги разоружале, им го зеле оружјето и муницијата и се вратиле во одредот.
При првото ослободување на Кичево, Мирко влегол во градот заедно со своите соборци од Кичевско-мавровскиот партизански одред на 11 септември 1943 година. По извршената реорганизација на партизанските единици, како комесар на чета, од Кичево бил испратен како претстража на планината Буковиќ за одбрана на слободната територија.
На 1 октомври 1943 година неговата чета била нападната од балистите предводени од Германци. Започнала нерамна борба на малата младинска чета од триесетина момчиња против, според некои извори, пет-шест илјадната војска од балистии и Германци. Целата чета на комесарот Мирко Милески загинале бранејќи ја слободната територија, а младиот комесар се самоубил со последната бомба не сакајќи да падне жив во непријателските раце.
За народен херој е прогласен во 1953 година. Неговото име го носи кичевската гимназија.
На денешен ден се случиле и други настани од поблиската и подалечна историја на Македонија:
Во 1891 година во гевгелиското село Смоквица е роден Ангел Динев, македонски општественик и публицист.
Во своите дела „Македонските Словени“, „Илинденската епопеја“ и „Политичките убиства во Бугарија“, го истакнува постоењето на македонската нација. Учесник е во македонското националноослободително движење.
Умрел во Скопје, на 17 февруари 1952 година.
Во 1923 година во Софија починал Ефрем Чучков, македонски револуционер и војвода, член на ВМРО.
Бил близок соработник на Гоце Делчев и на други македонски револуционери. Роден е во штипско Ново Село во 1870 година.
(Подготви: Д. Г.)