Шеесет селани, жени, деца и старци на денешен ден се загинати во масакрот што во 1905 година бил извршен во селото Загоричани во Егејска Македонија од страна на грчките андрати.
Трагедијата селото ја доживеало на 25 март (7 април по нов стил), 1905 кога околу 200 до 300 грчки андарти го запалиле селото, а населението го масакрирале. Убиле 60 селани, имало многумина ранети и биле запалени повеќе куќи.
Масакрот го организирал костурскиот митрополит Германос Каравангелис.
За овој настан објавено е сведоштво на Фејсбук страницата Беломорска Македонија:
„На 25 март 1905 во темни зори една грчка разбојничка банда од околу 200-300 души го нападна нашето големо село од сите страни. Најнапред слушнавме како свири труба, а потоа почнаа да грмат пушки „маузерки“. Населението, мислејќи дека селото ни е заобиколено од војска, не мрдна од своите места и замрзна од силниот грмеж и од динамитните бомби исфрлени на разни места и од куршумите, кои како град се сосипаа над покривите на замрзнатите селани, неподдржувани од никаде.
Со голема сила, разбојниците не им дадоа на несреќните селани навреме да се соземат, и така навлегоа во селото поделени на мали банди од по 4 до 8 души.
О, Боже! Перото е бессилно да ги опише ужасите, злосторствата на тие ѕверолики луѓе вооружени од глава до петици. Тие извршија ужаси нечуени досега во светската историја на човештвото. Почнаа да ги кршат вратите и да влегуваат во куќите, да убиваат и да собираат се што ќе се испречеше пред нивните крвожедни очи. Без причина убиваа мажи, жени и деца и домашни животни.
Во тие критични часови голем беше лелекот по целото село!
Беспомошното население, обземено од паничен страв, трчаше по улиците и избезумено бараше прибежиште за да се скрие од куршумите и од ножот на тие поклоници на вандализмот. Секој што падна во нивните безмилосни раце беше убиен.
Ниту молбите, ниту прекрстувањата, ниту бакнежите на расплаканите жени, ниту нивните солзи и писоците на малите и невини деца, ниту паричните награди, кои разбојниците ги прифаќаа на драго срце – ништо не беше во состојба да го омекне и смилостиви каменото срце на тие варвари.
Првото нивно барање беше „пари“, второ, се наредија по ред, а најпосле смрт – насилничка, смрт ужасна, смрт нечовечна, смрт маченичка!“
Во друго сведоштво за овој маскар, кој е опеан и во македонски народни песни, италијански офицер говори дека таква суровост никогаш не видел:
„Италијанскиот полковник Албер, кој учествувал во многу борби со африкански племиња, за убиствата во Загоричани вели: Често се случуваше наши војници да бидат заробени од Африканците и убиени. Но, убивање со таква свирепост не сум видел досега и не можам да најдам зборови со кои би ги опишал тие што ова злодело го сториле“ .
За овој историски настан во село Загоричани во Егејска Македонија е испеана и песната „Народе македонски“.
(Подготвил: Д. Г.)