На 21-годишна возраст, на 13 мај 1949 година, во борба против грчката владина војска загина македонската хероина на Вичо и Грамос, Тина Андреева – Цвета.
Таа е меѓу најистакнатите македонски жени – борци на ДАГ, кои храбро се бореле за слобода на македонскиот народ.
Псевдонимот го добила според толкувањето на ликот на Цвета во претставата Македонска крвава свадба од Војдан Чернодрински, која за првпат била изведена во селото Емборе, Кајларско, во 1944 година. Кон овој податок, една дигресија, интересено е да се дополни и тоа дека на денешен ден во 1901 година, македонскиот драматург Чернодрински ја формирал првата македонска театарска група „Скрб и утеха“.
Катина (Тина) Андреева е родена во костурското село Мокрени, во Егејска Македонија во 1928 година, а загинала како воен командир и херој на ДАГ.
Таа е ќерка на Кузман Андреев и правнука на костурскиот војвода на ВМРО Никола Андреев (Алај Беј).
Пораснала во мрачниот период на диктатурата на Метаксас, време на голем прогон на Македонците во Егејска Македонија, кои не смееле ни да зборуваат на својот мајчин македонски јазик, па родителите Македонци со мимики и сигнали комуницирале со своите деца.
Во 1940 година поради тоа што закачила протест на вратата на локалната власт, биле уапсени и мачени нејзиниот татко и уште пет-шест селани.
Улогата Цвета, според која го добила псевдонимот, во Македонска крвава свадба се случила во периодот кога селата биле ослободувани едно по друго, а Македонците и Грците заедно ја славеле слободата. Тогаш се приредувале забави, прослави и приредби по македонските села. Така Тина станала Цвета.
Тогаш Македонците доаѓале и од околните села, слободно да го слушаат својот мајчин јазик, а силен впечаток оставила Тина Андреева која го толкувала ликот на Цвета. Слично се случувало и во другите села каде се прикажувала оваа драма, а за македонскиот народот оттогаш Тина станала позната како Цвета, па дури и нејзината баба почнала да ја вика Цвета.
Во тој период меѓу Македонците се зборувало дека проблемите за нив завршија. Но, подоцна се вратиле уште поцрни денови.
Тина Андреева во Втората светска војна била член на Грчката антифашистичка младинска организација ЕПОН. Поради нејзиното подоцнежно членување во НОМС и НОФ (од летото 1945), била уапсена и ѕверски мачена, но поради недостиг на докази била ослободена. Наскоро преминала во илегала и станала борец на ДАГ (1946). Го посетувала курсот за подофицери на планината Грамос (1947), а потоа како командир на вод учествувала во околу 90 борби на планината Вичо, на Грамос, кај Сињача, кај Коњица и на други места. Таа била делегат и во претседателството на Првата конференција на Сегрчкиот сојуз на демократските жени (1949), а потоа и на Вториот конгрес како претставник на партизанките од Вичо.
Хероината загинала во напад за освојување на стратегиски врв. Двапати била одликувана со Орден за храброст и е прогласена за Херој на ДАГ. Во нејзина чест бригадното раководство го покренало издавањето на весникот „Цвета“.
Во овој период раководството на антифашистичката борба во Грција, под влијание на владата на националното единство на Вулгарис, започнува со заткулисни акции за разоружување и расформирање на македонските баталјони. Набргу доаѓа и до отворен оружен судир меѓу единиците на Грчката народноослободителна армија (ЕЛАС) и Костурско-леринскиот баталјон.
Тоа, како што е познато, подоцна катастрофално се одразува врз македонскиот народ во Егејска Македонија, каде што се случува големиот прогон на Македонците, жени и деца, под налет на авионите, напалм-бомби и репресија.
(Подготви: Д. Г.)