НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Мариово е роден писателот Стале Попов, кој бил прогонет од Македонија во окупацијата од Бугарија

/ 25.05.2021

На 25 мај 1902 година, во мариовското село Мелница, е роден Стале Попов, еден од најплодните македонски писатели кој за време на бугарската окупација на Македонија бил интерниран во Бугарија.

Официјално таа е годината на раѓање на големиот македонски писател, а неофицијално, според извори од неговата фамилија, Попов бил роден во 1900 година, а починал во Скопје на 10 март 1965 година. Интересно е да се спомене дека првата сопруга на Стале починала многу млада, а неговата втора сопруга починала пред две години, доживувајќи длабока старост од 105 години.

Стале Попов е роден како трето од петте деца на манастирскиот прислужник Илија Сталев, по чие име е крстен еден од синовите на Стале Попов – Илија Поповски, познат македонски хуморист и долгогодишен главен и одговорен уредник на белградскиот хумористичен весник Јеж.

Набргу по раѓањето на Стале Попов починала мајка му Неда (1908), а тој останал со татко му и не многу постарите деца – сестрата Трна и братот Ѓуро. Татко му на Стале, кој 18 години бил манастирски прислужник, станал поп во Витолиште и заедно со децата се преселил во ова централно и најголемо село во Мариово. Тука Стале го минал детството и години со тежок живот.

Тука го започнал образованието кај учителот Бино, кого подоцна често ќе го споменува во своите дела. На 14 годишна возраст Стале Попов за првпат го напуштил Мариово и дошол во Прилеп, а потоа се вработил во Плетвар. Во Балканските војни додека вујко му Јован Ѓуров бил кмет во Витолиште, Стале бил помошник писар. Иако поради војните го прекинал школувањето не се откажал од образованието.

Од детство бил сведок на тешкиот живот на Македонците, со аги и бегови. Фамилијата на Попов била малку поимотна и културно поиздигната, зашто од нив имало и свештеници. Основно образование завршил во Витолиште, запишал гимназија во Прилеп, а завршил Богословија во Битола и Теолошки факултет во Белград.

Сепак, тој никогаш не се запопил, а пред Втората светска војна работел како земјоделец, дрвар, овчар, трговец, бакал, службеник во тогашната Народна скупштина, општински чиновник, шумар, тутунски работник…

По отслужувањето на воениот рок се вработил во општината во Битола, а потоа и како писар во Духовниот суд во овој град, со надеж да стане свештеник и да го замени татка си во парохијата. Но, набргу умрела првата жена и тој по два месеца службување ја напуштил Битола и се вратил во Мариово да се грижи за малите деца.

Во 1930 година пак го напуштил Мариово и се преселил во Прилеп каде што се вработил во пореската управа од каде бил отпуштен и кон крајот на истата година бил преместен во Лесковац (Србија), каде што работел како полициски писар. Потоа минал во Крушевац, од каде пак се вратил во Битола. Потоа повторно ја напуштил Македонија и заминал во Белград каде што се вработил како висок службеник во општото одделение на Собранието на Кралството Југославија.

Претчувствувајќи го она што набргу ќе се случи точно на 27 март 1941 година го напуштил Белград и се вратил во родното Мариово.

По бугарската окупација на Македонија во 1941 година, бил интерниран во Неврокопско (Бугарија).

По ослободувањето на Македонија, Стале Попов станува претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, потоа работи како управник на Шумската дирекција, а во 1948 година станал професор по руски јазик во гимназијата „Цветан Димов“ во Скопје. Кога фондот на часовите по руски бил намален, Стале Попов минал на работа во основното училиште „Браќа Миладиновци“ каде што предавал македонски јазик, историја, биологија и руски јазик.

Од ова работно место заминал во пензија во септември 1959 година, а шест години подоцна починал во Скопје.

Стале Попов започнал рано да пишува, но како писател се докажал по ослободувањето на Македонија. Првите раскази „Мице Касапче“ и „Петре Андов“ ги објавил во списанието „Современост“. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман „Крпен живот“ (1953), а набргу потоа објавил серија дела и станал еден од најплодните романописци и раскажувачи во македонската литература. Во 1954 година го издал вториот дел од „Крпен живот“, а истата година и „Опасна печалба“.

Две години подоцна го објавил романот „Толе Паша“, а потоа и „Калеш Анѓа“ (1958), „Дилбер Стана“ (1958), „Мариовскиот панаѓур“ (1961), „Мариовски раскази“ и „Итар Пејо“ (раскази).

Во ракопис оставил богато литературно наследство од необјавена проза (раскази и романи): „Шаќир војвода“ (роман), „Необично дете“ (роман), „Доктор Орешкоски“ (роман) и две збирки раскази.

Мачниот живот на Македонецот и желбата за слободна Македонија се честа инспирација во неговите дела – романи, повести и раскази.

(Фотографии: Родната куќа на писателот, Стале Попов и селото Витолиште)

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија