НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Охрид е прогласена автокефалност на МПЦ што предизвика бура во СПЦ која траеше со децении до 2022 г.

/ 18.07.2024

На 18 јули 1967 година во Охрид, на Третиот црковно-народен собор, Светиот синод на Македонската православна црква (МПЦ), донесол одлука за прогласување автокефалност на МПЦ како наследничка на обновената Охридска архиепископија.

Одлуката ја соопштил новиот архиепископ Охридски и Македонски г. Доситеј чие световно име е Димитрија Стојковски. По него за архиепископи на МПЦ се избрани г. Ангелариј (Цветко Крстевски), потоа г. Гаврил (Ѓорѓи Милошевски), г. Михаил (Методи Гогов) и г. Стефан (Стојан Велјановски).

(Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Доситеј)

Прогласувањето на автокефалноста ги разлути националистичките кругови во Српската православна црква (СПЦ), па се случи во црковниот живот нешто што трае до денес – ќерката да се прогласува постара од мајката.

На прогласувањето на автокефалност на МПЦ му претходеле активности уште во текот на НОБ. Пред самиот крај на војната, во 1944 г. во селото Врановци бил создаден Иницијативен одбор за организирање на МПЦ. На 3 јануари 1945 година, Иницијативниот одбор за обновување на Охридската архиепископија испратил писмо до Светиот архијерејски синод на СПЦ со образложение на иницијативата. Писмото пристигнало до СПЦ на 22 јануари 1945, а на него одговорил протераниот скопски митрополит Јосиф: „Штом бидам слободен, ќе се погрижам да се видам со вас, во Белград или Скопје“.

На 4 март 1945 година, во Скопје бил одржан Првиот црковно-народен собор, на кој била донесена резолуција за обновување на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква. На 9 март 1945 година Иницјативниот одбор испратил телеграма до СПЦ со известување дека „на 4 март, во Скопје, во главниот град на Македонија, се собра македонскиот црковно-народен собор на кој делегатите ја искажаа еднодушната желба на сите православни Македонци за што побрзо прогласување самостојна Македонска православна црква, односно обновување на историската Охридска архиепископија“.

(г.г. Ангелариј)

Светиот синод на СПЦ го замолил митрополитот Јосиф да замине во Скопје, но министерот за внатрешни работи не му издал патна дозвола.

На 2 април 1945 година, митрополитот Јосиф го известил Светиот синод на СПЦ дека формирал црковен суд за Скопската епархија, со привремено седиште во Врање. Како реакција на тоа, со акт на претседателството на владата на Македонија, број 1.228 од 25 јули 1945 година, доставен до администраторот на Српската патријаршија, било испратено известување дека свештенството на Скопската епархија, на својата редовна седница од 18 јули 1945 година, ги разгледувало провокациите на митрополитот Јосиф, кој во црквите во Македонија го испраќал својот гласник кој делел пари за помош на Скопската, Злетовско-струмичката и Охридско-битолската епархија.

На 7 декември 1946 година, делегација на Иницијативниот одбор (составена од свештениците Нестор Попов, Кирил Стојанов и Мукаетов, заедно со две граѓански лица) одржала состанок со српскиот патријарх Гаврил и митрополитот Јосиф, на кој дошло до израз недоразбирањето меѓу двете страни во спорот. Подоцна, патријархот Гаврил се согласил во рамките на СПЦ, Македонците да поставуваат свештеници и да избираат нови црковни одбори и совети во кои би влегле и Македонци. Исто така, тој предложил да се достави акт до владата со молба да им се дозволи на митрополитот Јосиф и на епископите Викентие и Венјамин да се вратат во Македонија за да воспостават црковен поредок.

(г.г. Гаврил)

На 10 мај 1947 година, во 20 часот и 30 минути, кај партијархот Гаврил дошле генералот Љубодраг Ѓуриќ и Лазар Колишевски. На средбата, генералот Ѓуриќ ја истакнал ропската положба на македонскиот народ во минатото и ја критикувал великосрпската пропаганда, истакнувајќи дека Македонците сакаат своја црква, а истото го истакнал и Колишевски. И Ѓуриќ и Колишевски повториле дека Македонците нема да отстапат од своите барања и дека прашањето уште повеќе ќе се заострува.

Архијерејскиот собор на СПЦ упорно опстојувал на своите ставови и поради тоа, по Соборот од 9 и 10 мај 1946 година, во своите понатамошни барања, Иницијативниот одбор истапувал со помали барања, т.е. наместо како автокефална, се барало да биде признаена како самостојна црква. Но, барањето на Иницијативниот одбор повторно не наишло на одобрување. По долги години на статус-кво состојба, од 4 до 6 октомври 1958 година, во Охрид бил одржан Вториот македонски црковно-народен собор, каде што била прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ бил избран г. Доситеј.

(г.г. Михаил)

Архиерејскиот собор на СПЦ се согласил со одлуките на Македонскиот црковно-народен собор, во одлуката АС. бр. 47/1959 година и 6/1959 година зап. 57 од 17/4 јуни 1959 година. Одлуката за самостојност на МПЦ била потврдена преку отслужувањето на заедничка архијерејска литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата Св. Мина во Скопје, а истовремено била извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа, Светиот архиерејски синод на СПЦ дал самостојност на Македонската православна црква, со тоа што таа и понатаму останала во канонско единство со СПЦ, преку нејзиниот патријарх.

По неколку дена, во црквата Св. Никола во Штип, г. Наум бил хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија. Исто така, бил конституиран Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во архиепископијата и во епархиите.

Во мај 1962 година, во придружба од патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол патријархот московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската православна црква. На празникот на Св. Кирил и Методиј, во црквата Св. Богородица Каменска во Охрид била одржана и архиерејска литургија, на која што зеле учество патријархот московски Алексиј, патријархот српски Герман и архиепископот охридски и митрополит македонски Доситеј. Ова било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални цркви.

Во 1966 година, односите со СПЦ повторно се влошиле. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот синод на МПЦ на 17 јули 1967 година, во Охрид, го свикал Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква Св. Климент ја прогласил Македонската православна црква за автокефална. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква бил извршен на Светата архијерејска литургија, отслужена во црквата Св. Богородица Перивлепта (тогаш позната и како Св. Климент) на 19 јули 1967 година, од Светиот архијерејски синод на МПЦ.

 

(г.г. Стефан)

На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додала додавката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавката, МПЦ-ОА извршила и промена во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата Св. Богородица – Перивлепта, била ставена црквата Св. Софија во Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

Во 2022 година, по долгогодишниот спор меѓу Српската и Македонската православна црква, СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА со што беше завршен спорот што траеше со децении.

(Д. Г.)


Од истата категорија