На 15 август 1894 година во Ресен (во куќата на Татарчеви) се одржало советување на првенците на ТМОРО. Со советувањето непосредно раководеле Даме Груев и Пере Тошев.
Биле донесени значајни одлуки за натамошниот развој на револуционерното движење во Македонија. Ова прво советување на ТМОРО се сметало за „голема предилинденска искра“.
Во 1897 година во селото Кономлади, Костурско, Егејска Македонија, е роден Стојан Христов, американски писател од македонско потекло, новинар и 12 години државен сенатор во САД.
На 14-годишна возраст тој заминува за САД на печалба каде бил физички работник во ложарницата на Сент Луис, а потоа и работел на изградбата на железничката линија Монтана – Вајоминг.
Oд 1918 до 1922 година тој успеал да ги заврши студиите на универзитетот Валпаризо во Индијана. Студиите ги завршил со прекини поради тешката материјална положба и услови на живеење.
Откако се стекнал со американското државјанство, се вработил како уредник во весникот House Organ во Чикаго, а потоа се префрлил како новинар во редакцијата на веникот Daily News. Две години, од 1927 до 1929 година бил специјален дописник од Балканот.
Едно време бил слободен писател во Њујорк. За време на Втората светска војна бил аналитичар и предавач по балканско партизанско движење во воениот департман, Оддел за воени известувања на Пентагон.
Во текот на 1952 и 1953 година тој повторно допатувал на Балканот како дописник на северноамериканското новинарско здружение НАНА. Тогаш ја посетил Југославија и Македонија како гостин на Друштвото на писателите на Македонија. По враќањето станал сенатор на американската сојузна држава Вермонт, а на таа функција и се пензионирал. Успеал уште еднаш да ја види својата татковина како специјален и драг гостин на македонската држава.
Стојан Христов е раскажувач и романописец. Неговите романи се преведени и на македонски јазик. Прозата на Христов е реалистична и свртена кон „стариот крај“. Неколку од неговите романи се со историска тематика преку кој се согледува страдалничкиот живот на македонскиот народ под ропство, но и неговите борби и востанија.
Тој е автор на романите:„Мара“ (1937 г.), „Оваа е мојата таковина“ (1938 г.), „Мојот американски аџилак“ (1947 г.), „Орелот и штркот“ (1976 г.), „Лавот од Јанина“ (1941 г.), „Невестата на доселеникот“, „Дијалог“, Скопје, 2010 и други, како и на голем број раскази.
Во 1986 година при посетата на Македонија била основана Фондацијата „Стојан и Маргарет Христов“. Умрел во Томпсон Хаус, во Бретлборо, на 25 јануари 1996 година.
Во 1911 година во селото Крушаре, Ениџевардарско, бил убиен Апостол Петков (наречен и Ениџевардарско сонце) македонски револуционер и војвода, учесник во Илинденското востание.
Апостол Петков е роден на 6 мај 1869 година во с. Бојмица во областа Бојмија, Егејска Македонија. Потекнува од родот на Терзиевци. Неговиот постар брат Митре бил ајдутин, а брат му Тано и братучед му Андон, загинале како комити.
Како младинец работел како кантонер на железничката линија Солун – Скопје. Во 1892 година, ја напуштил работа и се одметнал. Од тогаш па до почетокот на 1897 година крстосувал како ајдутин по Пајак планина, дружејќи со Иван Карасулијата. Додека Апостол ајдукувал, во 1896 година, неколку мина од неговото семејство станале членови на месниот комитет на ТМОРО во Бојмица.
Во 1897 година, Даме Груев се запознал со Апостол Петков и И. Карасулијата и ги поканил да се приклучат кон Организацијата како членови на тајната полиција. Тие биле покрстени од Поп Стамат во Солун. Во октомври 1897 г., по препорака од ЦК во Солун, и со залагање на Аргир Манасиев од Гевгелија, Апостол Петков и И. Карасулијата ја формирале првата чета на ТМОРО во Солунскиот револуционерен округ.
Во 1897/1898 година, четата се движела низ областа Бојмија, по Пајак планина, Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско, ликвидирајќи насилници и разбојнички банди.
На 15 август 1911 година, Апостол Петков, Георги Мучитано и Васил Пуфката биле убиени од турските војски кај Крушари, Ениџевардарско при мистериозни околности. За убиството на Апостол Петков постојат разни варијанти и претпоставки, а најчесто како предавник се споменува неговиот близок соработник Тодор Чифтев. Историската наука сè уште не може да даде конечен одговор за мотивот за оваа убиство.
(Подготвил: Д. Г.)