НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во скопскиот театар во 1938 година првпат на македонски била изведена драмата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле

/ 27.12.2020

На 27 декември 1938 година во Скопје, кое тогаш било под српска окупација, како и останатиот дел од територијата на денешна Македонија, на македонски говор првпат била изведена драмата „Парите се отепувачка“ од македонскиот драмски писател Ристо Крле.

„Парите се отепувачка“ е најпознатото драмско остварување на овој македонски драматург од меѓувоениот период. Драмата била за првпат изведена во скопскиот театар, на денешен ден пред 82 години.

Ристо Крле е роден во Струга во 1900 година, во семејство на чевларски мајстор. Завршил основно училиште и први клас гимназија до 1912 година, а втори клас се запишал дури четири години подоцна, кога Македонија била под бугарска окупација. Рано останал без татко, па повторно бил приморан да го напушти школувањето и да работи.

Од 1920 до 1924 активно учествува во аматерската театарска група „Црн Дрим“. Следната 1925 година заминува во Подградец, Албанија, каде работел како чевлар. Тогаш ја слушнал приказната која ќе го опседне и за која ќе се обидува да пишува десетина години.

Во неговата чевларска работилница дошол селанец да бара евтини чевли за мртовец. Ја раскажал трагичната приказна дека синот кога по 20 години печалба се вратил од Америка домашните не го препознале и го убиле.

Без искуство, но постојано прогонуван од случката, на крајот ја напишал пиесата во еден здив. Тоа било 1937 година, кога Крле ја напишал својата неповторлива „Парите се отепувачка“. Скопскиот театар ја прифатил и премиерата се одржала на 27 декември 1938 година.

Тој ги напишал и драмите: „Антица“, „Милиони маченици“, „Гроф Миливој“, „Велик ден“. До крајот на животот ја пишувал својата „Автобиографија“.

По Втората светска војна живеел и работел во Скопје, каде починал на 29 октомври 1975 година.

(Подготви: Д.Г.)


Од истата категорија