На 28 јуни 1921 година во Софија е убиен Ѓорче Петров, револуционер кој целиот свој живот го посветил на борбата за слобода на македонскиот народ.
Тој е еден од најверните идејни соработници и следбеници на Гоце Делчев и заштитник на целите и на принципите на ВМРО. Иако бил против предвремено кревање на востанието на македонскиот народ, активно се вклучил во Илинденското востание во 1903 година.
Идеологот на македонската револуционерна борба Ѓорче Петров (Георги Петров Николов) е роден на 2 април 1865 година во прилепски Варош.
Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив во Бугарија. Бил учител во Штип (1886-1887), во Скопје (1888–1891) каде соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Петров бил професор и во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897).
Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО, а ја објавил книгата Материјали по изучувањето на Македонија (Софија, 1896).
Ѓорче бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија (1897–1901), учествувал во редактирањето на револуционерниот весник „На оружје“. Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско, а по востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа и учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес каде бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија.
Го редактирал списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Тој бил противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција.
Потекнува од ситно трговско семејство. Во солунската гимназија во 1885 година поради учество во ученичкиот бунт бил исклучен со група од 12 македонски ученици меѓу кои бил и македонскиот револуционер Пере Тошев.
Фото: Четата на Ѓорче Петров
Престојувал во Источна Румелија каде собирал финансиски средства за набавка на оружје за идните востанички акции во Македонија. Во 1885 година завршува 6-ти клас во обласната гимназија во Пловдив. Поради слабото здравје се вратил во Македонија како егзархиски учител во Штип.
Ѓорче Петров учествувал во испраќањето на ќираџијата Доне Стојанов Штипјанчето, со пратки бомби, од Штип до Битола, кога се случила провалата.
На Солунскиот конгрес 1896 година заедно со Гоце Делчев добиле задача да го изготват уставот на организацијата, а подоцна со налог на организацијата занимал како задграничен претставник во Софија. Ѓорче Петров, како и Гоце Делчев, се спротиставил за кревање на Илинденското востание поради недоволна неподготвеност.
Своите погледи ги образложувал во весникот „Бунтовник“, а негова парола била „Македонија на Македонците“. Заради своите чисто македонски позиции станал еден од најнапаѓаните претставници на ВМРО од страна на врховистите.
Ѓорче Петров е уште една од многуте жртви на братоубиствената борба и меѓусебните пресметки, по атентатот во кој загинал на денешен ден во 1921 година во Софија.
Други настани од историјата на Македонија
На 28 јуни 1880 година во Крушево е роден Никола Киров Мајски, македонски револуционер и писател, кој бил автор на Крушевскиот манифест.
Потекнувал од семејство со револуционерни традиции од охридското село Свиништа.
Во 1902 година заминал на учителска должност во леринското село Баница, а следната година кога се вратил во Крушево, веќе било дигнато Илинденското востание, во кое неговиот братучед Никола Карев станал претседател на Крушевската република.
Мајски оставил повеќе дела зад себе. Значаен е неговиот творечки фонд со драмски остварувања и поетски ракописи, посебно делото „За Македонија“.
Негови историски трудови се „Со поглед кон Македонија“, „Епопејата на Крушево“ и други.
……………….
На 28 јуни 1895 година под раководство на македонскиот социјалист Васил Главинов почнал да излегува весникот на македонските социјалисти „Револуција“.
Весникот излегувал еднаш неделно на бугарски јазик и наишол на голема реакција кај големобугарските кругови, кои го оцениле како сепаратистички.
Покрај Главинов, во раководството на весникот се наоѓале и познатите македонски социјалисти Димо Хаџи Димов, Веле Марков, Андон Шулев и други.
Набргу по појавувањето весникот згаснал, а последниот број излегол на 30 август 1895 година.
…………………….
На 28 јуни 1919 година во Версај, кај Париз, бил потпишан договор за мир меѓу претставниците на германската Влада и претставници на земјите победнички во Првата светска војна.
Со Версајскиот договор на македонскиот народ не му било признато правото за самоопределување и за создавање самостојна држава туку била потврдена поделбата на Македонија.
Новосоздадената држава, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците го добила реокупираниот Вардарски дел од Македонија, анектиран од Србија по Балканските војни, и Струмичкиот крај.
Во Неј (27. XI 1919) бил потпишан мировен договор меѓу Сојузничките и здружените сили со Бугарија. Со Договорот била санкционирана поделбата на Македонија меѓу Бугарија, Грција и Кралството СХС, на Бугарија и бил оставен Пиринскиот дел од Македонија.
Со подоцнежната демаркација на границата меѓу Државата СХС и Албанија била завршена четворната поделба: Грција добила 35.169 км2, Кралството СХС 25.774 км2, Бугарија 6.798 км2, а помал дел добила Албанија.
……………..
На 28 јуни 2001 година од тешките рани од борбата кај Арачиново на 21 годишна возраст почина македонскиот бранител Оливер Китановски од велешко Башино Село.
Тој беше припадник на бранителите од МВР на Република Македонија, а почина по пет дена од здобиените тешки рани во борбите на 23 јуни 2001 година против албанските терористи, меѓу селата Брњарци и Арачиново.
(Подготвил: Д. Г.)