На 26 мај 1905 година во Велес е роден македонскиот композитор Стефан Гајдов, еден од зачетниците на организиран музички живот во Македонија, кој уште во времето на српската окупација, музика и македонски фолклор го учел и подоцна познатиот македонски поетот Кочо Рацин.
Композиторот Гајдов е еден од организаторите на музичкиот живот во Македонија по ослободувањето од бугарската окупација и периодот по 1945 година. Особено е заслужен е за ширењето на хорскиот аматеризам, а како композитор, покрај другото, е познат по обработката и стилизацијата на повеќе македонски народни песни и автор на петнаесетина учебници за музичко образование.
За Гајдов критичарите запишале:
„Историјата на македонската музика досега на своите страници забележала неколу исклучителни личности, чија творечка инвенција и делување претставуваат вистински стожер на македонската музичка култура, а меѓу нив е и Стефан Гајдов. Во личноста на Гајдов се содржат почетоците, развојот и високите дострели на македонската музичка култура, благодарение на неговата многуслојна музичка наобразба која го презентирала во хрватската и македонската средина како музички педагог, професор, учебникар, диригент, композитор и како еден од најуспешните раководители на неколку музички институции“, стои запишано во аналите.
Најстарото музичко училиште во Македоинија е во Велес и денес тоа го носи токму името на Стефан Гајдов.
Во Горски со Кочо Рацин
Биографите и познавачите на личноста и делото на овој македонски копозитор запишале:
„Гајдов пораснал во занаетчиско семејство во кое мајка му, Евгенија, познатата песнопојка, го создавала благопријатниот амбиент во кој неговата природна дарба се среќавала со творечките изблици на народниот музички гениј, а татко му му овозможувал да се сретне со звукот на повеќе народни инструменти. Оттаму од најрана младост покажува љубов кон музиката преточена преку неговиот интерес за хорското пеење и народните инструменти. Од сите нив, најмногу го привлекувала мандолината на која набрзо и научил да свири. Првите познавања за музиката ги добива уште на деветгодишна возраст од музичарот Илија Настов, кај кого се запишува во Велешката гимназија. Набрзо Настов заминува во Учителската школа во Скопје, а водењето на хорот и оркестарот му го препушта на најмузикалниот ученик – Стефан Гајдов“.
Композиторот Гајдов понатаму знаењата ги надградува во Велешката гимназија кај познатиот професор и раководител на хорови Стеван Шијачки.
„Токму тој му овозможува совладување на основната музичка писменост. Во 1922 година со неколку млади вљубеници во музиката, меѓу кои и Живко Фирфов, го формираат оркестарот што го нарекуваат Гром. Набрзо оркестарот престанува да работи, а Гајдов минува во КУД Горски каде што ги подучува членовите до август 1926 година. Меѓу членовите на друштвото бил и подоцна познатиот македонски поет Кочо Рацин“.
Потоа Гајдов заминал во Белград каде станал првиот Македонец што го завршил наставно-теорискиот оддел при Музичката школа. Во тие три години колку што траело школувањето негови професори биле Јосип Славенски, Коста Манојловиќ, Милое Милоевиќ, Миховил Логар.
Сеќавајќи се на ова време („Траги во времето“, Радио Скопје, 1985) Гајдов вели: „Доктор Милое Милоевиќ, кој ми предаваше хармонија, контрапункт и историја, и кај кого учев три години композиција, беше просто гениј од култура од кого човек имаше што да чуе и што да научи… Даница Крстиќ ми беше професор по пијано и сите се чудеа кога јас по три години учење (претходно свирев само аматерски) за дипломски испит ја изведов сонатата Апасионата од Бетовен… Така добив и диплома за наставнотеориска работа“, вели Гајдов.
Прогонство од Велес во Вуковар
По дипломирањето се враќа во Велес каде станува професор во гимназијата. Само една година подоцна, во 1930 година го формирал хорот „Јека са Вардара“ на чиј репертоар става многу македонски, меѓу кои и свои композиции. Со тоа предизвикал револт кај тогашните великосрпски власти и тој бил преместен во Хрватска (јануари 1932), во градот Вуковар.
Како што подоцна самиот Гајдов изјавува, таму минува „десет прекрасни години во мир и спокојство“. Во фабриката Бата со големи почести бил повикан да го води хорот, со кој подоцна ја прославува фабриката и се прославува и себеси. Со тие стотина хористи, главно чиновници и работници во хорот „Радиша“ изведувал дел од потешкиот хорски репертоар, на многу концерти во поширокиот регион.
Тој период минат во Вуковар во Кралска Југославија бил особено значаен во творештвото на Стефан Гајдов.
„Од печат излегуваат повеќе дела за мешан, детски, женски хор и композиции за глас и пијано во чија основа се наоѓа македонската народна песна. Најдобра оценка за Гајдов, и како диригент и како творец во ова време дава познатиот критичар Дреновац („Слободно слово“, 7.3.1936):
„Веднаш го искажуваме своето воодушевување кон диригентот и кон неговиот хор, истакнувајќи ја неговата дарба, кој успеа од детските, релативно неизградени гласови, да создаде една мелодиски совршена целина. Творештвото на Стефан Гајдов е во раниот период, а тој веќе има стил на компонирање. Инспириран од мотивите на македонските народни песни, на композициите им дава чувства, топлина, ги исполнува со дух на многу непосреден начин, со сочна ритмика што отвора можности нашата публика да ги почувствува убавината и нежноста на тие чудесни мелодии. Композициите на Гајдов, покрај одличната формална градба и мелодиска разработка, пленат со својата топлина и музичка инвенција. Творештвото на Стефан Гајдов се базира врз богатиот талент што живее во него. Неговите диригентски гестови се осмислени, отсечни и во себе содржат самоувереност што го обзема хорскиот ансамбл…“, напишал критичарот за Гајдов.
По ослободувањето Стефан Гајдов својата активност ја продолжил во Македонија, работејќи и раководејќи повеќе институции и развивајќи плодна педагошка дејност. Освен на хорска музика, тој е автор и на неколку инструментални дела, меѓу кои и на првиот македонски гудачки квартет (1934) и Фантазијата за флејта и оркестар (1968). Оформувач е и долгогодишен раководител на Хорот на Македонската радио-телевизија, со кој остварил голем број настапи и студиски снимки, главно пропагирајќи го хорското творештво на македонските композитори.
Но, помалку е познато дека Гајдов во младоста изработувал и архитектонски цртежи. Негово дело е нацртот од куќата на велешката фамилија Глушкови, која Гајдов ја проектирал во 1928. Доказот за ова откритие се наоѓа во една од собите на прекрасната куќа, која е во близина на црквата Св. Богородица, кај Читкушева Чешма.
Композиторот Гајдов починал на 17 јуни 1992 година во Скопје.
(Д. Г.)