Авторот на најпопуларната македонска борбена песна во НОБ „Ко челик сме ние“, Панче Пешев, загина на денешен ден во 1944 година во борба со бугарскиот окупатор.
Панче Пешев го даде својот живот за слобода на Македонија на 5 јуни 1944 година во близина на струмичкото село Кушкулија. Македонскиот композитор загина како заменик-командант на Вториот баталјон на Третата македонска НОУ бригада, учествувајќи во борбите против бугарскиот окупатор.
Пешев, покрај другото, е автор е на најубавата и најпопуларна македонска борбена песна од НОВ, Марш на Третата македонска бригада „Ко челик сме ние“, за кој стиховите ги напишал писателот Ацо Шопов, борец во истата бригада.
Пешев е роден на 15 јули 1915 година во Велес, но уште на петгодишна возраст, неговото семејство се преселило во Куманово, каде ги поминал детството и каде завршил основно училиште и гимназија.
Уште како ученик, за време на српската окупација на Македонија, ја започнал револуционерната и музичката активност. Виолина учел во Музичкото училиште Стеван Мокрањац во Скопје, кај Трајко Прокопиев, како и теориски предмети во Музичкото училиште Станковиќ во Белград. Часови по музика посетувал приватно кај Петар Славенски и Јуриј Арбатски. Учествувал во работничките аматерски оркестри и хорски друштва и како диригент на некои од тие колективи. Диригирал и со хорот и оркестарот на Друштвото Абрашевиќ во Куманово (1935-1936).
Избувнувањето на Шпанската граѓанска војна го инспирирала да ја компонира песната Класје зелено, на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот.
Во 1931 година станал член на СКОЈ, а во 1935 година и на КПЈ и бил избран за секретар на Месниот комитет на СКОЈ во Куманово. Учествувал и во синдикалните активности, а во 1936 година станал член на Месниот комитет на КПЈ за Куманово.
Поради неговата политичка дејност двапати бил апсен од режимот во Кралството Југославија: првиот пат во јануари 1936 година, кога бил казнет со затвор од 20 дена и вториот пат во април 1937 година кога бил осуден на 2,5 години затвор. По излегувањето од затвор, кон крајот на 1939 година повторно станува член на МК КПЈ, а во јануари 1941 година бил интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица.
Додека бил во логорот, основал хор во затворот, каде што се пееле масовните и народните песни: Старци белобрадци, Млада овчарка, Помниш ли либе Галабо, Борјано, Борјанке и други.
По капитулацијата на Кралството Југославија и фашистичката окупација станал член на Воениот штаб на КПЈ за Куманово, а бил активен и во редакцијата на весникот Дедо Иван. На 12 октомври 1941 година Пешев го постројува Козјачкиот партизански одред. По разбивањето на двата кумановски партизански одреди, преминува во илегала во Велес и во Скопје. Во јуни 1942 година заминува во Струмица, а по два месеца се враќа во Скопје, каде што набрзо е уапсен во врска со убиството на Мане Мачков на 20 август 1942 година.
На 14 септември 1942 година, заедно со група од осум политички затвореници од велешкото село Рудник е доведен на стрелање во месноста Пуста кула, но успева да избега и кон крајот на септември 1942 година му се приклучува на Велешкиот партизански одред Димитар Влахов.
Потоа во ноември 1943 година станува борец на Кумановскиот партизански одред, а подоцна и на Третата македонска бригада, во која како нејзин борец Пешев ја компонира „Ко челик сме ние“.
На 16 март 1944 година раководството на КПМ го исклучило од партијата, заедно со Благоја Стевковски – Гојчо.
За време на Мајската (пролетна) офанзива во 1944 година, Пешев при враќањето на Бригадата од Егејска Македонија, загинал во судир со бугарската војска во Кушкулија.
Сојузот на композиторите на Македонија, во негова чест, ја доделува наградата Панче Пешев за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија во Македонија, а неговото име го носи и Нижото музичко училиште во Куманово.
(Д.Г.)