На приватниот универзитет ФОН во Скопје, чиј ректор е Нано Ружин, премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, се номинрани за Нобелова награда за мир за 2019 година за Договорот од Преспа.
Номинацијата на Заев и Ципрас на ФОН ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.
Нобеловката Бушамауи рече дека Договорот од Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, преговараат и постигнат договор и дека и претставува чест да ги номинира Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир.
– Номинацијата не е само лично за Зоран Заев и Алексис Ципрас, туку и за сите граѓани. Ова е модел за дијалог и просперитет. Силно верувам дека Македонија или треба да кажам Северна Македонија и Грција ќе ја добијат Нобеловата награда и ќе бидат доказ за светот дека се може да се постигне со договор. Откако ќе биде ратификуван Договорот ќе биде силна порака дека дијалогот е можен, рече нобеловката Бушамауи.
Нагласи дека е дојдена во Скопје да го поддржи таквиот начин на постигнување договор и верува дека ќе биде модел за надминување на проблемите во иднина.
– Треба да бидете горди на тоа пшто го постигнавте, порача добитничката на Нобеловата награда за мир, Уидед Бушамауи на објавувањето на номинацијата што се одржа на Универзитетот ФОН .
На церемонијата присуствуваше и европратеникот Стелиос Колуглу од редовите на грчката партија Сириза, кој дава поддршка за номинацијата на Заев и Ципра за Нобелова награда за мир.
Кулуглу кажа дека ако имаше Нобелова награда за војна, досега на Балканот ќе беше доделена повеќепати, а Договорот од Преспа е единственото добро и позитивно нешто што моментално доаѓа од Европа, која е поделена и соочена со бројни проблеми.
– Договорот од Преспа е договор што го решава долгогодишниот проблем, не само за името, туку и обезбедува дефинитивно решение на македонското прашање. Заев и Ципрас постигнаа договор за кој што требаше храброст и кој ги стави националните интереси над партиските. Договорот го должиме на претходните генерации, но и на нашите деца и следните генерации кои мора да живеат во мир и просперитет, рече европратеникот Кулуглу.
Посочи дека Договорот имал голем број противници од двете страни, но дека е нелогично, тоа што и двајцата премиери истоврмено се соочуваат со обвиненија од своите противници дека ги предале националните интерси.
Ректорот на ФОН, Нано Ружин, рече дека денеска промовираме двајца лидери кои успеале да излезат од моделот на балкански политичари.
– Од овде нобеловката Бушамауи официјално ќе предложи на Нобеловиот комитет од Осло да ги номинира Алексис Ципрас и Зоран Заев за добитници на Нобелова награда за мир. Иницијативата верувам дека ќе биде проследена од многу други пријатели, изјави Ружин.
По церемонијата во Скопје, на 19-ти декември, Бушамауи и Кулоглу заминуваат во Атина, каде што ќе се сретнат и со грчкиот премиер Алексис Ципрас, за официјално да му ја соопштат номинацијата.