Игор Ангеловски поранешен началник на СВР Велес починал синоќа на Инфективната клиника во Скопје како последица на Ковид-19.Веста за МИА ја потврдија од СВР Велес. Тој во Инфективната клиника во Скопје неколку дена бил приклучен на респираторна машина.
Игор Ангеловски се лекувал во велешката Општа болница на Инфективното одделение од 7 до 14 октомври кога поради пад на сатурација итно бил префрлен на Инфективна во Скопје, информира за МИА д-р Весна Неделковска Николова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.
-Последните два дена беше на кислородна подршка и два дена имаше пад на сатурацијата, која не сакаше да се покачи. Поради тоа одлучивме и итно на 14 октомври го пренесовме на понатамошно лекување на Инфективната клиника во Скопје, појасни д-р Неделковска Николова.
Инаку, 41-годишниот магистер по дефендологија Игор Ангеловски беше началник на СВР Велес од 10 јануари до 27 јули годинава по предлог на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Тој претходно работел во Единицата за специјални задачи на МВР „Тигри“, бил инструктор во Центарот за обука во Идризово и самостоен инспектор за ким техника во СВР Велес,а бил и инспектор во обезбедување на ВИП личности и објекти.
Инаку тој е најмладата жртва на Ковид-19 и 27-ма во Велес и Велешко од почетокот на епидемијата или 11-та од почетокот на изминатата недела до вчера.