Пораки за мир, соживот, почитување на човечкото достоинство, љубов очекуваат граѓаните на плоштадот „Македонија“ кои се собираат тука за да ја слушнат пораката што денеска ќе ја пренесе папата Франциск, кој се наоѓа во историска посета на Македонија.

Плоштадот е под силно полициско обезбедување. Граѓаните се пропуштаат по деталната проверка на пунктовите и потоа се сместуваат во одредени зони на оградениот простор каде се во исчекување на доаѓањето на папата.

Се очекува на плоштадот „Македонија“ да се соберат околу 15 илјади граѓани од земјава, но и од странство, пред се, од поширокото соседство. Од Хрватска се дојдени да го видат папата околу илјада верници. Хрвоје Душиќ од Сплит, татко на девет деца, тука е пристигнат со неговите осум деца, деветтото било премало да го донесе, а 10-то го очекува да се роди во секој момент. Тој предводи група од 250 хрватски верници и во изјава за МИА рече дека ова не му првпат да го види папата. Присуствувал на повеќе негови миси во Сиднеј, во Канада, во Рим…

-Во Македонија веќе три дене врне дожд, но еве сега се појави сонцето, ви го носиме со папата, рече Душиќ кој посака пораката што папата ќе ја испрати оттука да допре до срцата на македонските граѓани.

На плоштадот има и околу 50 верници од Словенија. Словенецот Гашпер Шајович вели дека тој дошол со група од 25 Словенци и во изјава за МИА истакна дека му претставува чест тука кај нас да го види поглаварот на Римокатоличката црква.

Словенката Татијана Медвед од Љубљана во изјава  изрази задоволство што папата ги посетува овие мали народи и меѓудругото нагласи дека дошла да му даде поддршка на македонскиот народ. Вели дека Македонија како држава се соочува со промени и додаде дека тука е дојдена да ги поддржи Македонците подобро да си ја организираат својата држава.

Меѓу присутните на плоштадот има и голем број македонски граѓани, некои католички верници, а некои љубопитни припадници на останатите вероисповести кои сакаат да ја слушнат пораката на поглаварот на Римокатоличката црква.

Добрила Кирова од Струмица изјави дека за неа е убав гест доаѓањето на папата, особено пораката што тој ќе ја испрати за мир и соживот на сите луѓе во светот. Од Струмица пристигнале пет автобуси, а таа личност сака да го види папата како светска личност.

Граѓаните на плоштадот се во очекување на мисата што папата треба да ја одржи откако претходно тој беше пречекан на аеродромот во Скопје, а потоа се упати во претседателската вила Водно каде се одржа официјална церемонија, а тој имаше обраќање пред државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор.ац.