На Армискиот полигон Криволак од денеска започнуваат вежби на припадници на Вооружените сили (ВС) на САД, кои до крајот на месецот ќе изведуваат повеќе видови гаѓања, информираат од Генералштабот на АРМ.
Оттаму соопштуваат дека во првата седмица, припадници на ВС на САД ќе изведуваат обука и гаѓање со воздухопловни оружја со хеликоптери од марката УХ-60 или популарните „Блек хок“, додека почнувајќи од утрешниот ден ќе се изведуваат обука и гаѓање со минофрлачи во кои ќе бидат вклучени и припадници од првата механизирана пешадиска бригада.
Во останатиот период, војниците на САД ќе реализираат гаѓања со користење на разни видови пешадиско оружје, а на 13 март се предвидени активности за реализација на ден за високи гости.
Ова е вторпат како се изведуваат воздухопловни гаѓања од страна на припадници на ВС на САД по извршеното сертифицирање на АП „Криволак“ од страна на седмата Команда за обука на копнените сили на САД, за можноста за користење на полигонот и од страна на воздухопловни единици на ВС на САД.
Со изведување на оваа активност се промовираат и можностите на АП „Криволак“ за изведување на различни видови на вежбовни активности од страна на армиите од земјите членки на НАТО.
Почнувајќи од утре, на Криволак ќе почне најголемата досега меѓународна воена вежба „Одлучен удар“ на која ќе учествуваат околу две илјади војници од Копнените сили на САД за Европа, од АРМ и неколку други армии, се наведува во соопштението од ГШ на АРМ.