Испораките на гас продолжија денеска преку германско-рускиот гасовод Северен поток 1, потврди портпаролот на компанијата за германската новинска агенција ДПА.

Десетдневниот прекин поради одржување го намали протокот на нула на 11 јули, а имаше стравувања дека Москва може да одлучи да не го рестартира снабдувањето во време кога Европа веќе се соочува со енергетска криза.

Портпаролот на Nord Stream AG рече дека ќе биде потребно извесно време за да се достигне нормалното ниво на транспорт на гас. Тој додаде дека најновите количини на снабдување со гас се исти како оние објавени пред периодот на одржување – околу 67 милиони кубни метри дневно – и одговараат на околу 40 отсто од максималниот капацитет за снабдување.

Но, можно е количините да се променат во текот на денот, бидејќи е потребно извесно време за да се стабилизира протокот.