Се почесто од страна на власта се инсистира на некакво национално помирување. И не е веќе ниту битно со кого,битно е да се создаде привид дека сите застануваат зад уставните измени  за бришење на  македонското постоење и, власта да си создаде алиби дека сите сме сложни и согласни во процесот на самоукинување.

Веќе утре ќе заседава некаква собраниска комисија за помирување. Комисија во која,под раководство на амнестиран воен злосторник,ќе уествуваат членови на владеачките партии и исклучените пратеници од ВМРО ДПМНЕ. Тоа ќе рече,комисија формирана без претставници од опозицијата,комисија составена од уценети и уценувачи.И никој друг.Комисија формирана за замачкување очи на македонската јавност,чии одлуки или ставови,или што и да е,ќе одат само во насока на натамошни делби на веќе и онака предлабоко поделеното општество.

Имено,најдлабоките поделби во оштеството започнаа со прислушкувани разговори,презентирани и толкувани пред македонската јавност за да се внесе толку посакуваната доза на омраза кон тогаш владеачката ВМРО ДПМНЕ.Омраза кон “Груевизмот“,како што навредливо го нарекоа тогашното суверенистичко владеење.Поделбите кулминираа на 27 април минатата година,кога на нелегитимен начин,надвор од Уставот и законите на Република Македонија се инсталира нова власт,спротивно на изборниот резултат од парламентарните избори.

Од тогаш владее поделбата меѓу мнозинството од македонскиот народ кое застана зад коалицијата “За подобра Македонија“,од една страна и,помал дел од македонскиот народ заедно  со огромен дел од иструираното албанско малцинство,од другата страна.Поделба која само се продлабочуваше со деспотското владеење на актуелната власт,со лажните изјави околу проблемот со нашето уставно име,кои од ден во ден се демантираа една со друга,за да конечно се стаса до фаза кога наспроти волјата на мнозинството од македонскиот народ,се инсистира на уставни измени со кои се брише македонското минато,се проблематизира македонската сегашност и целосно се доведува во прашање македонската иднина.

И можеби внатре во комисијата и ќе си постигнат некакво помирување. Помирување на пратеници кои веќе не претставуваат никого,откако тргнаа против ставовите на коалицијата чии кандидати беа,заради кои ставови беа избрани за пратеници,а денес се чувани од полицијата токму од нивните гласачи,со пратеници од владеачката СДСМ,кои претставуваат само туѓи интереси и ништо повеќе.

Но,вистинско помирување не може да се постигне на овој начин.Не може затоа што на едната страна се наоѓа една насилно и незаконски инсталирана власт,која токму заради тоа и не може да води автентична,автохтона и во интерес на македонската држава,политика,туку е строго контролирана,насочувана и поттикнувана да одработува за интересите на оние кои ја инсталираа. Во случајов тоа се глобалистичките неолиберални интереси на остатоците од “длабоката држава“ на САД и корумпираните бирократи од ЕУ.Оние истите кои инсталираа своја власт и во Украина,власт која веќе неколку години, извршувајќи ги наредбите на своите налогодавци,од Украина направи нефункционална држава,која,за жал,е на чекор до поделба и незјино исчезнување.

Паралелата со Украина воопшто не е случајна,затоа што со вака инсталираната власт и Република Македонија,за жал,станува нефункционална држава,која,повеќе од се би сакал да не сум во право,е на чекор до поделба и нејзино исчезнување.

Од другата страна,  наспроти ваквата инсталирана, неавтохтона власт, се наоѓаат сите останати. Се наоѓа огромниот дел од македонскиот народ, од кој, еден дел артикулиран во политичките партии од опозицијата, еден дел следбеник на политичката идеологија на суверенизмот, како единствена алатка во борбата против глобалистичко неолибералниот обид да се избришат националните држави, националните економии и нивниот столб, традиционалното семејство меѓу маж и жена, како единствен можен начин за натамошна репродукција на човештвото.

Но, од оваа страна се наоѓа и огромниот дел од македонскиот народ кој ниту е организиран во политички партии, ниту е суверенистички идеологизиран, туку едноставно инстинктот за самоодржување го води и му дава сила да истрае. Инстинктот за зачувување на името, на историјата, на семејството, со еден збор, инстинктот за зачувување на македонското постоење, инстинктот за зачувување на татковата, дедовата, прадедовата скрб во заштита на сопствениот народ.

Ете затоа е невозможен ваквиот начин на помирување преку собраниски комисии. Едноставно е невозможен заради тоталната спротивставеност на овие две крајности. Не може да има помирување меѓу оние кои ги делат ставовите на портпаролот на СДСМ, дека чуму ни е идентитет кога немаме пари и финансиска комоција, од една страна и, оние кои се подготвени и на најголеми жртви за да ја сочуваат татковината, народот, семејството и вредностите оставени од нивните предци.

Затоа, треба да не радува повикот на ВМРО- ДПМНЕ за започнување протести се до делегитимирање на инсталираната власт. Треба да не радува затоа што оваа, нашава, втората страна, страната на партиите од опозицијата, идеологизираните суверенисти и народот со инстинкт за самоодржување, конечно ќе добие политичка артикулација. Конечно ќе ја има на своја страна единствената организирана политичка сила која навистина може да го демонтира ова зло инсталирано во државава.

И, како и за секој простест, овој пат со цела душа и срце – се гледаме на 28 ноември. Зашто, за Македонија се работи.

 

Страшо Ангеловски, Претседател на МААК