Едниот дреме, а другиот игра игрици за да не задреме. Чесно е да да кажам дека заслужија малку да здивнат од напорната битка која што ја секојдневно ја бијат против загадувањето, цела среќа вчера дувна малку и подзаврна па Петре и Јани одлучија малку да земат здив пред следниот налет на загаден воздух.

Не е така едноставно да се бориш против едно такво опако зло какво што е загадувањето, а за кое верувале или не утврдија дека најголеми виновници се домаќинствата, односно граѓаните. Индустриските капацитети немаат никаква вина во тоа, само злонамерно им се префлра вината од страна на граѓаните кои не сакаат да си признаат дека самите се виновни за црнилото што го дишеме секој ден. Не драги мои, од оџаците не излегуваат ПМ честички туку излегува само водена пареа која за несреќа е сега повидлива затоа што температурите се пониски. Ете добивме и официјален демант на ваквите малициозни тврдења од страна на Цементарница Усје кои обзнанија дека чадот што излегувал од оџаците не бил чад туку пареа или што би рекле браќата Бугари тази дупка не е дупка. Среќа тие се совесни па мислат малку за доброто на граѓаните кои пак од друга страна со своето дејание наместо да придонесат и самите за почист воздух тие пази те молам се греат со што ќе стигнат затоа што парите што ги имаат за инат не сакаат да ги трошат на греење на електрична енергија кое е еколошки најприфатливо.

Бидејќи нашите индустријалци ги почитуваат сите европски стандарди во работењето, што е потврдено и со разно разните инспекциски надзори, а во насока на нивен поголем ангажман во подобрување на амбиенталната средина следен чекор кој треба да го направат е да ставаат етерични масла во некоја од фазите на прозиводството па таа водена пареа кога ќе излегува од оџаците бар да мириса на лаванда ако ништо друго. На тој начин ќе влијаат и на општата благосостојба на граѓаните, од убавиот мирис ќе бидат поопуштени и порасположени.  Е тек тогаш да видам некој да се пожали дека надвор воздухот смрди и се лепи за грло.

За волја на вистината мора да ја пофалам и мерката на ЈСП за редукција на автобуси во одредени делови на градот, на пример бр. 27 во општина Аеродорм кој скоро и го нема па така луѓето си пешачат по 25 минути до Ново Лисиче. Значи имаме двоен бенефит – ем граѓаните се раздвижуваат и со тоа ја подобруваат својата здравствена и физичка кондиција ем има помалку сообраќај и со тоа помалку загадување. Со оглед на тоа што овој пилот проект се покажува како делотворен истиот треба да се примени и во другите општини и тоа со укинување на повеќе автобуски линии, сосема е доволна една автобуска линија по населба. Малку ќе е гужва во автобусот ама па бар така ќе биде потопло и нема да треба шоферот да вклучува греење и да троши нафта и за тоа, пак дупла заштеда.

Во однос на домаќинствата би сакала да им препорачам на Садула, Јани и Петре како краткорочна мерка која треба да ја преземат е воведување на субвенции за ќебиња за граѓаните, на тој начин нема да мораат да се греат на што ќе стигнат, печките ќе ги ложат само во екстремни услови кога ќе паднат температурите на – 10 степени Целзиусови, а за да бидеме сигурни дека тоа и ќе го почитуваат да се засилат инспекциите од врата на врата па тие што ќе го прекршат правилото да им се одземат и ќебињата и дрвата.

Така драги мои лека полека ќе се избориме за малку воздух место црнилата кои ги дишеме секој ден, а со тоа сонот на Јајo ќе биде помирен, Пaјо ќе може многу повеќе да се сконцентрира на игриците кои ги игра и Садула нема да мора беспотребно да троши енергија и да им објаснува на граѓаните дали нешто и што сработил.

Мартина Антиќ