Македонскиот оперски пејач Благој Нацоски, кој живее и работи во Италија, му одговори на бугарскиот шоумен и  политичар Слави Трифонов, кој се закани дека „ако Македонците не признаат дека се Бугари, нема да влезат во ЕУ“.

– Предлогот до Македонците, оп, извинете – северните Македонци, ако ги признаат своите историски бугарски корени, и ние ја признаеме моменталната состојба на работите, а моменталната состојба е да ги признаеме македонскиот јазик и нација – тоа е за нив најдобриот предлог што можат да го добијат. И тоа во ситуација кога целата нивна сегашна државичка се заснова на антибугарска реторика, нарекувајќи нè Бугари – Цигани и Татари. Почитувани Македонци, извинете – северномакедонци, ќе се навикнам, но ми треба време – да бидам искрен, јас сум многу толерантна личност, но сè има свои граници. Ве гледам како чекате бугарски пасоши, гледам како доаѓате на бугарското Црно Море и бугарските летувалишта, гледам како вашите деца доаѓаат да учат на бугарските универзитети, гледам како мислите дека „Јовано, Јованке“ е македонска, извинете, северномакедонска песна, и се прашувам – зошто, луѓе? Нели сме цигани и татари? Значи, сакате цигански пасоши, доаѓате во Татарското Црно Море, студирате на цигански универзитети и „Јовано, Јованке“ е на крајот циганска песна (да ми проста Циганите – тој толку емотивен и раселен народ низ целиот светот). Значи, Северна Македонија нема да добие подобар компромис и ако не се усогласи со нејзините историски бугарски корени, таа ќе постои надвор од Европската унија, бјави завчера Трифонов.

А одговорот на Нацоски преку Фејсбук е следниов:

– Почитуван Слави Т. Трифонов, баба ми покојна секогаш ми раскажуваше за два историски периоди кога била девојче: „За време српско“ и „за време бугарско“, мислејќи на српската окупација на Македонија до 1941 и потоа бугарската окупација од 1941 кога вие Бугарите бевте сојузници на Хитлер и Мусолини, факт од кој некако тешко ви оди да се засрамите а камоли да се извините за сите злосторства извршени врз македонскиот народ. Кога зборуваше за овие две окупации баба ми велеше дека и двете биле лоши, но онаа бугарската била многу посурова. Другата, пак, баба имаше сестра во Детроит преселена таму во 1930 година и омажена за Македонец од село Буф (Леринско) роден во 1898 г. Тие имаат 3 ќерки од кои две се родени пред Втората светска војна, а третата веднаш по војната. Трите ќерки се изјаснуваат и до ден денес како Македонки, бидејќи биле пораснати во тој дух, и тоа од родители родени околу 1900 година, кога според вашите политичари ние сме биле Бугари и нашиот македонски идентитет бил измислен од Тито во 1944 г. Да не должам многу бидејќи имам безброј сведоштва и документи (странски) за да ги побијам сите бугарски аргументи односно лаги, само сакам да ве коригирам: „Јовано, Јованке” која „седи крај Вардар“ е МАКЕДОНСКА песна! Помирете се еднаш засекогаш, не сме „един народ“, освен фризурата и музиката јас и вие немаме ништо заедничко. ПС. Терминот „северномакедонски“ односно „северномакедонци“ НЕ постои, информирајте се пред да зборувате неточности, не ви личи како ТВ личност!, напиша Нацоски во својот одговор на Фејсбук.

Деновиве од политичари и други личности од Бугарија стигнуваат закани дека, дозволиле да влеземе во НАТО, но ќе го блокираат влезот на Македонија ЕУ.