Во моментов Бугарија не може да се согласи на започнување на преговорите за членство на С. Македонија во Европската Унија, изјави бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева за софиската телевизија БТВ.

Таа потенцира дека Бугарија ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, но нагласи дека бугарската поддршката за Македонија „никогаш не била безусловна“.

– Постои Договор за пријателство и добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година, но одредбите не се спроведуваат. Во Скопје се обидуваат да избегаат од тоа, изјави Захариева, додадвајќи дека во последните месеци Бугарија неколку пати најавила дека е можно да не ја одобри првата меѓувладина конференција или преговарачката рамка меѓу Македонија и ЕУ.

Запрашана дали е можна промена на ставот на Бугарија околу стратот на преговорите под надворешен притисок, Захариева е категорична дека „тоа нема да се случи“, потенцирајќи дека бугарската Влада е единстевна по прашањето за Македонија.

Таа нагласи дека е потребна добра волја за спроведување на Договорот за добрососедство, истакнувајќи дека „непризнавањето на историската вистина води до доста сериозни проблеми во односите меѓу двете земји“.

– И покрај шпекулациите, ние немаме никакви претензии за тоа како да се определат нејзините граѓани и нивниот јазик. Договорот предвидува дека имаме заедничка историја, вели Захариева, додавајќи дека Бугарија има заедничка историја и со земји како Грција и Турција, но дека таа се разликува од заедничката историја со Македонија.