Во две експлозии предизвикани од терористички напади загинаа повеќе од 100 луѓе, а стотици се ранети во Иран на настан по повод годишнината од смртта на воениот командант Касем Сулејмани, кој беше убиен во напад со американско беспилотно летало во 2020 година, објавија иранските власти.

Иранската државна телевизија јави за првата, а потоа и за втората експлозија за време на годишнината на гробиштата на кои беше погребан Сулејмани во Керман, град во југоисточниот дел на земјата.

„Експлозиите беа предизвикани од терористички напади“, државните медиуми цитираа локален функционер во провинцијата Керман. Бабак Ектапараст, портпарол на иранската служба за итни случаи, подоцна објави дека 103 лица загинале, а 170 се повредени.

„Огромна експлозија се случи во близина на џамијата ‘Сахеб ал-Заман’, каде што се наоѓа гробот на Сулејмани во Керман“, објави државната телевизија додавајќи дека втората експлозија се случила неколку минути подоцна, пренесува агенцијата „Франс прес“.

Сулејмани, командант на елитните ирански сили Кудс, беше водач на иранските воени операции на Блискиот Исток и беше убиен од САД во јануари 2020 година во Ирак.

Тој беше задолжен за тајните мисии на силите Кудс и обезбедуваше насоки, финансирање, оружје, разузнавачка и логистичка поддршка на сојузничките влади и вооружените групи, вклучувајќи ги Хамас и Хезболах. Тогаш американскиот претседател Доналд Трамп, кој го нареди убиството во 2020 година, го опиша Сулејмани како „терорист број еден во светот“.

Експлозиите се случија во услови на зголемени тензии во регионот додека Израел води војна против Хамас во Газа.

Вчера, висок лидер на Хамас беше убиен во предградие на Бејрут во експлозија за која американски официјален претставник изјави за Си-ен-ен дека ја извршил Израел. Израел ниту ја потврди ниту ја негира вмешаноста, но Хамас и милитантната група Хезболах, која го контролира предградието, го обвинија Израел и ветија одмазда.