Повеќе од 200 велосипедисти, планинари и рекреативци од цела Македонија учествуваа на планинско-велосипедскиот фестивал „Осоговска авантура“ што годинава вторпат се одржа на Осоговските Планини.

Организатори на настанот беа друштвото за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје и велосипедското здружение „МТБ Исток“ од Кочани, а целта е на рекреативците кои планинарат и спортуваат со планински велосипеди да им се доближат природните убавини на Осоговието и потенцијалите за планински спортови.

– За учесниците организиравме две тури со должина од 48, односно 38 километри, што се возеа со планински велосипеди или се пешачеа, согласно физичката подготвеност на поединците. Патеките беа на релацијата Пониква – Лисо Брдо – Крушка – Царев Врв – Пониква, единствени во Македонија со висинска елевација од 2.000 метри. Покрај турите, учесниците имаа можност да кампуваат, да бидат дел од забавната музичко-фолклорна програма и да ги пробаат локалните рецепти за подготвување храна, рече Панче Зафиров од Здружението „МТБ Исток“.

Според Зафиров, идејата е во иднина „Осоговска авантура“ да прерасне во етаблиран планински фестивал, не само во Македонија, туку и на Балканот.

Поддршка за тоа има и од општина Кочани, од каде во ваквите настани гледаат можност за промоција на потенцијалите на Осоговието за активен одмор и рекреација во поголемиот дел од годината.

За следната година се планира на планинско-велосипедскиот фестивал „Осоговска авантура“ да бидат поканети учесници и од соседните земји, со што тој ќе прерасне во меѓународен и ќе може да се бара поголема финансиска поддршка од домашни и странски извори