Се трошело на скапи телефони-ајфони, на електрични тротинети, на роденденски забави во игротеки, на одржување облека, на репрезентации по познати прилепски ресторани, а впишувани на контото од болничката кујна, се фактурирале високи фиктивни фактури на една иста фирма за: поправка на ѕидови, косење трева, чистење клими, дезинфекција, па се’ до трошоци за едукација на медицински сестри, a со кои едукации ниту една сестра од болницата не е запозната. Имало и фиктивни транспорти на име службени патувања, па плаќања за семинари во странство, а последователно се пишувале и прекувремени саати – селективно, на повеќе исти лица за што се одлевале огромни суми пари кои биле корегирани за да не бидат видливи во пресметките на платата. Ова се само мал дел од сомнежите за недомаќинското работење на претходното раководство во прилепската Болница која денес е во катастрофална состојба со долг од над 3 милиони евра и блокирана сметка, обелодени актуелниот в.д. директор на оваа здравствена установа.
„Морам, со големо жалење да истакнам дека наследуваме огромен долг. Обврските кои ги има ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност, по разни основи, изнесуваат речиси 193 милиони денари…Паричните обврски според извршни решенија изнесуваат 18.367.811 денари, а според нотарски платни налози, изнесуваат 25.560.000 денари, или само по овие два основи имаме повеќе од 40 милиони денари“, – изјави д-р Кире Јоноски, в.д. директор на Општа болница со проширена надлежност, Прилеп.
За сите овие, но и за уште многу други сомнежи кои се затекнати во болницата, веќе се известени и сите надлежни органи. Па така, веќе две недели, претходното работење на Болницата го „чешла“ и полицијата.
„Започната е масовна истрага од надлежните органи и ќе ги опфати сите оние кои се огрешиле пред законот, за што ќе следува и одговорност“, посочува Јоноски.
Според болничкиот менаџмент, во моментов се вложуваат максимални напори, споразумно со добавувачите, некои од веќе пристасаните обврски да бидат одложени, а некои да се плаќаат на рати, со единствена цел веќе од наредниот месец сметката да биде одблокирана. Но и да не се трупаат нови извршителски трошоци. Засега, во однос на болничките услуги, со ресурсите што ги има на располагање, болницата, и покрај ваквите незавидни услови, функционира непречено, уверуваат надлежните.