Над 1.000 италијански градоначалници потпишаа петиција со што се бара премиерот Марио Драги, кој во четвртокот понуди оставка, да остане на својата должност.

– Владата мора да продолжи со работа, се тврди во петицијата, а меѓу потпишаните се и градоначалниците на Фиренца, Рим, Венеција.

Претседателот Серџо Матарела не ја прифати оставката на Драги и го повика да му се обрати на Парламентот со цел да се процени ситуацијата.

Италијанскиот премиер сакаше да си даде оставка поради неучеството на Движењето 5 ѕвезди, член на коалициската влада, во гласањето за доверба, побарано од Владата.

Градоначалниците во петицијата го осудија неодговорното однесување на Движењето 5 ѕвезди.

Воедно, тие истакнаа дека со неверување и загрижени ги следат политичките случувања во Италија.

Излезот од кризата настаната поради пандемијата од Ковид-19 и социјалната криза денес повеќе од кога и да е бараат стабилност, сигурност и единство за да можеме да ги продолжиме промените во нашите градови, додаваат тие.

Поранешниот премиер Силвио Берлускони и лидерот на екстремната десница Матео Салвини, чии партии Напред Италија и Северна лига се дел од владинското мнозинство, изјавија дека веќе не можат да соработуваат со Пет ѕвезди поради нивната нестручност и несигурноста.

Берлускони и Салвини, во заедничкото соопштение, наведоа дека се подготвени за избори дури и на краток рок. Инаку, изборите беа планирани за почетокот на 2023 година.