Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска на неговиот фејсбук-профил наведе дека во недела, на вториот круг од локалните избори, ќе го поддржи актуелниот градоначалник на Град Скопје и кандидат за уште еден мандат Петре Шилегов. Тој истовремено порачува дека лекцијата од првиот круг Локални избори е оти мора да се работи поинаку, далеку подобро и поискрено.
– Со ова писание сакам да му дадам искрена и сесрдна поддршка на Петре Шилегов. Ќе гласам за него во недела, со чиста совест. Дали Петре направи многу за Скопје во првиот мандат? Апсолутно. Дали е идеален градоначалник? Не верувам. Дали е неспоредливо подобар од другата кандидатка? Немам никакви дилеми, истакна Димитров, за кандидатот од редовите на владејачката СДСМ.
Тој посочи дека имал дилема дали за да се заложи за кандидат на локалните избори. Потенцираше дека не е партиски човек, но оти чувствува обврска кон граѓаните на Скопје да го искаже неговиот став.
– Со гласачите од ИЕ 1 имаме взаемна доверба од парламентарните избори. Секогаш сум бил и ќе бидам гласот на граѓаните. Немам политичка, ниту етичка обврска да давам бланко поддршка водејќи се од буквите на партијата, по логика што мене не ми е блиска: „ако се моите, добри се без разлика на сѐ – ако се другите, лоши се без разлика на сѐ”. Роден сум во Скопје и пораснав главно во Центар, а доста време во детството го поминав и кај баба ми во Карпош. Си го сакам Скопје, иако кога можам го заобиколувам плоштадот што искрено преку „Скопје 2014” го направија прослава на кичот. Го сакам Скопје со сите негови маани. Можеби сум пристрасен, бидејќи речиси нема улица и сокаче каде немам сеќавања, ама градот ни има голема душа. И токму затоа, како граѓанин, решив да си кажам што мислам за изборот за градоначалник на мојот град, потенцираше вицепремиерот.
Димитров посочи дека за „изборот“ во поширока смисла, што се однесува на стратешкиот правец на татковината, ситуацијата ни е тешка.
– Опозицијата ниту помага, ниту реално се трка во истиот правец – силна и европска демократија, слобода и правда за сите, членка на НАТО и заслужена, иако сѐ уште неостварена одлука на ЕУ за почеток на пристапните преговори. Од друга страна, сосема ми е јасно дека за многумина тоа не е доволно. Јасно ми е дека поминаа речиси пет години. Режимот тешко да се памети. Лекцијата од првиот круг локални избори е дека мора да се работи поинаку, далеку подобро и поискрено. Парадоксално можеби, но или ќе се разбере таа лекција вистински и ќе се вози директно нагоре или ќе се стркала колата повторно надолу. Од резултатите на таа лекција навистина ќе зависи многу… или сè. Со среќа Петре. И со ум, заклучи Димитров.