Британскиот нафтен и гасен гигант БП соопшти дека поради рускиот напад на Украина ја напушта сопственичката структура во руската нафтена компанија Роснефт, со што го раскинува партнерството старо неколку децении.
– Длабоко сум шокиран и тажен поради ситуацијата во Украина и сочувствувам со сите оние кои страдаат. Ова не поттикна темелно да ја преиспитаме позицијата на БП во Роснефт, рече извршниот директор на БП, Бернард Луни.
„Роснефт“ сочинува околу половина од резервите на нафта и гас на БП и една третина од производството, а повлекувањето од уделот од 19,75 отсто ќе ја чини британската компанија до 25 милијарди долари, рекоа тие, без да прецизираат што планираат да направат.
По напуштањето на сопственичката структура на Роснефт, БП ќе регистрира безготовински трошок од 11 милијарди долари во странска валута, а најави и дополнителен безготовински надомест во износ од 14 милијарди долари. „Роснефт“ повеќе нема да биде вклучен во неговиот биланс.
Компанијата од Роснефт добиваше приход во форма на дивиденди, кои во 2021 година изнесуваа околу 640 милиони долари, што одговара на приближно три проценти од вкупниот готовински тек од работењето.
Компанијата моментално има околу 200 вработени во Русија, главно домашни работници, изјави портпаролот на БП.
Роснефт за одлуката на БП го обвини „невидениот политички притисок“, јавија руските новински агенции, наведувајќи дека 30-годишната успешна соработка е уништена.
Ненадејното излегување од сопственичката структура на Роснефт е драматичен потег на БП, која има најголема странска инвестиција во Русија и ќе го зголеми притисокот врз другите западни компании во земјата, вклучително и француската TotalEnergies и британската Шел, коментираат светските медиуми.
Британскиот министер за претпријатија, енергетика и индустриска стратегија Кваси Квартенг во петокот изрази „загриженост“ за бизнисот на БП во Роснефт и денеска изрази задоволство од неговата одлука да се повлече.
– Неиспровоцираната руска инвазија врз Украина мора да биде повик за будење за британските компании со комерцијални интереси во путиновата Русија, напиша Квартенг на Твитер.