На Меѓународниот фестивал „Книжевен круг” утре во Културниот центар Феникс во Скопје ќе бидат доделени шест награди на авторите Александар Прокопиев, Трајче Кацаров, Томислав Османли и Горјан Петревски од нашата држава, како и на Иван Војиновиќ од Црна Гора и Владо Јаневски од Австралија.
Фестивалот почнува утре и ќе трае до 4 јуни оваа година.
Фестивалот ќе почне со читање хаику поезија на повеќе од десет автори во Гимназијата „Никола Карев” во Скопје, при што ќе биде врачена и наградата „Хаикин“ на писателот Александар Прокопиев – за посебен придонес на планот на Хаику творештвото.
Како што најавија организаторите, во Културниот центар „Феникс” ќе се одржи Вечерта на чајот и читањето со Класична кинеска поезија. Потоа, ќе бидат врачени наградите „Отворен круг” на писателот Трајче Кацаров – за иновации и експерименти во книжевноста и наградата, „Премостувања” на писателот Томислав Османли – за афирмација и презентација на македонското литературно творештво во странство и „Литературни координати” на писателот Иван Војиновиќ – за соработка и доближување на литературите. Вечерта ќе заврши со средбата и претставувањето на наградените автори.
Следниот ден, исто така во Културниот центар „Феникс”, ќе биде врачена наградата „Македонски корени” на писателот Владо Јаневски – за неговото литературно и ликовно творештво, а ќе настапат и повеќе писатели кои создаваат во земјава и странство.
Меѓународниот фестивал „Книжевен круг ќе заврши на 4 јуни во Општината Кисела Вода, со претставувањето на автори и илустратори на книги за деца и млади и доделувањето на наградата „Големиот Принц” на писателот Горјан Петревски – за дострелите во литературата за деца и млади, а ќе бидат презентирани и литературни и ликовни творби од ученици на тема „Културно наследство”.
На Меѓународниот фестивал „Книжевен круг” се очекува да настапат повеќе од педесет македонски и странски автори.