Најмалку 19 лица загинаа, а десетици се ранети во самоубиствен напад врз едукативен центар во авганистанската престолнина Кабул, соопшти полицијата.

Повеќето од жртвите на самоубиствениот бомбашки напад во Кабул се девојчиња, пренесоа западните агенции, повикувајќи се на изјави на очевидци.

Во нападот на бомбаш самоубиец во образовен центар во шиитската област Дашт-и-Барча, денеска загинаа најмалку 19 лица, а 27 се ранети. Нападот бил изведен во момент кога студентите се подготвувале за приемен испит на универзитетот.

Се уште никој не ја презеде одговорноста за нападот, но многу од жителите на областа каде што се случи експлозијата се Хазари, етничко малцинство кое беше цел на претходни напади од терористичката организација Исламска држава.

Портпаролот на полицијата во Кабул објави и дека во нападот се повредени 27 лица и дека се случил во образовниот центар каде се одржувал приемен испит.

Училиштата во Авганистан обично се затворени во петок.

Образованието е чувствително прашање во Авганистан, бидејќи талибанците се противат девојчињата да одат во средни училишта. И Исламска држава се противи на образованието на жените и девојчињата.

– Нападот врз цивилни цели ја докажува непријателската нечовечка суровост и недостиг на морални стандарди, изјави портпаролот на полицијата.

Тој додаде дека безбедносните сили пристигнале во областа и дека истрагата е во тек.